Достапни линкови

Заврши Самитот на НАТО


НАТО самит
НАТО самит
Лидерите на НАТО на денешниот самит во Стразбур дадоа силна поддршка за Авганистан и едногласно го избраа данскиот премиер Андерс Фог Расмусен за нов генерален секретар на Алијансата. Американскиот претседател Барак Обама по самитот изрази задоволство поради ,,силната и единствена поддршка“ на НАТО членките за новата американска стратегија за Авганистан.

„Го напуштаме Стразбур и Кел со конкретна поддршка во рамките на НАТО. Нашите пријатели и партнери се согласија да обезбедат дополнителни пет илјади војници и обучувачи за да продолжиме со нашата нова стратегија, а исто така ќе биде зголемено и цивилното присуство.“

изјави Обама на прес конференција по самитот. И покрај првичното противење, по гаранциите добиени од американскиот претседател Барак Обама, Турција денеска сепак го поддржа изборот на данскиот премиер Расмусен кој во август ќе го наследи на функцијата сегашниот генерален секретар на НАТО Јап Де Хоп Схефер.

„Длабоко сум почестен за изборот за следен секретар на НАТО, и ќе сторам се што е во моја моќ за да ја оправдам довербата од колегите.“

рече Расмусен. По повод 60 годишнината од формирањето на Алијансата денеска во членство беа примени и Албанија и Хрватска. Поздравувајќи го нивниот прием, Обама изјави дека вратите на НАТО се отворени и за останатите земји и посочи дека го очекува и членството на Македонија.

„Како што им посакуваме добредојде на Албанија и Хрватска, ова не е последен пат на вакво славење. Јас го очекувам денот кога ќе и посакаме добредојде и на Македонија во Алијансата.“

Претходно, американскиот претседател Барак Обама, германската канцеларка Ангела Меркел и другите лидери на НАТО симболично го минаа мостот на Рајна кој ги дели Германија и Франција момент кој го означува единството на Алијансата. Самитот беше проследен со силни анти- НАТО демонстрации, а како што се јавува дошло и до судири меѓу демонстрантите и полицијата. По состанокот на Алијансата, американскиот претседател допатува во Прага, каде утре ќе се оддржи самит меѓу Соединетите Држави и Европската Унија.
XS
SM
MD
LG