Достапни линкови

logo-print

Д–р Марија Кишман, шеф на канцеларијата на СЗО во Македонија


Марија Кишман

Марија Кишман

Светската економска криза не смее да влијае на инвестициите во здравството затоа што последиците би биле долгорочни. Македонија е над европскиот просек во кардио васкуларните заболувања

Marija Kishman

Има ли повод поради кој годинешниот светски ден на здравјето, што се одбележува на 7 април, се одблежува под мотото спас и живот во вонредни состојби и колку е тоа актуелно во Македонија?


Во европскиот регион, 47 милиони луѓе, на одреден начин беа зафатени во последниве десет до 15 години од разни видови на катастрофи. Ќе ви кажам екстремни случаи, во Таџикистан минатата година имаше екстремно ладни услови, каде што болниците поради несоодветно подготвената инфраструктура, активност и реакција, нивните здравствени оддели имаа под 0 целзиусови степени температура во просториите. Операционите сали воопшто не функционираа. Другиот екстремен пример ни се екстремно високите температури коишто се случија, а посебно ги погодија развиените земји, вклучувајќи ја и Велика Британија, а посебно Франција, каде што илјадници луѓе починаа поврзано со зголемената температура надворешна, а здравствените системи не знаеја да одговорат, болниците не беа подготвени на таков наплив на пациенти со специфични потреби. Ме прашавте во вториот дел што во Република Македонија. Веќе десетина години интензивно работиме на подготовка на системот за вонредни услови. Тоа е нешто што секогаш треба да се очекува, земјотреси, поплави, лизгање на земјиште. Сето тоа е присутно во нашата земја, но и големите движења на население, по која и да е основа, дали станува збор за бегалци или раселени лица. Поради тоа, започнавме проект со Институтот за земјотресно инженерство и сеизмоогија. Изготвивме план, заедно со нив, со нивната екстремно вредна стручна помош, за проценка на ранливоста на здравствените установи. Тој прирачник, дури успеа да биде и на европско ниво референтен. Пилот проект направивме во педијатриската клиника неодамна. Се покажаа одредени слабости на коишто треба да се делува, и соодветно беше укажано како на менаџментот на клиниката, така и на Министерството за здравство.

Но, здравството е скапа професија. Колку светската економска криза која ги зафати и најразвиените земји влијае врз здравството и какви се препораките на СЗО одделно за секоја од земјите за надминување на оваа состојба?

Нашата генерална директорка, доктор Маргарет Чан, неодамна на Самитот на Г8 имаше свое излагање, со посебно лобирање дека здравствениот систем не смее да биде тргнат во однос на инвестициите коишто и понатаму треба да продолжат и не смее да биде афектиран од ситуацијата со економската криза. Она што е императив, за што се залагаме, во сите држави во Европа е да не се намалат средствата што се алоцираат за здравство, затоа што последиците нема да бидат видливи само во моментот туку ќе бидат далекусежни. Исто така, рационализација на здравствените кадри, во самите здравствени средини е следната препорака. Не говорам за отпуштања, говорам за рационализација во однос на распределба на кадрите. Значи, таму каде што е најпотребно. Тие зафати може да бидат болни за менаџерите и политичките одлучувачи но се неопходни. Ако одредена болница или установа има мал обрт на пациенти и искористеност на кревети тоа секако треба во оваа ситуација да се анализира.

Кога станува збор за заболувањата пристигнуваат загрижувачки податоци за зголемување на канцерогени заболувања како и кардио васкуларни заболувања. Кои заболувања се најчесто застапени во земјава и каде е Македонија во однос на она што е европски стандард?

Европскиот стандард за инфективни и паразитарни болести на сто илјади лица во однос на смртност е 13,7. Македонија е со само 7. Но, најчесто граѓанинот на Република Македонија умира од циркулаторниот систем. Тука се инфарктите на срцето, мозочните инфаркти итн. Не сме во завидна ситуација таму и нашите проекти покажуваат дека има огромен простор за делување. Над европскиот стандард сме којшто е 410 на сто илјади починати, а кај нас е 599. Споредено со Франција, само 133. Значи, цикрулаторниот систем е онаа област каде што најмногу треба да се делува, но е и најтешко. Затоа што станува збор за мултифакторијална причина. Значи, од исхрана, животен стил, загадување, но и самиот стил на живеење. Втората причина од којашто починуваме и сме во рамките на европскиот стандард, дури и под, а тоа се малигните неоплазми. Интересен е податокот што би сакала повторно да го изнесам. Често се шпекулираше со церикалниот карцином, Македонија е во рамките на европскиот просек со само 4,5, а европскиот просек е 4,3.

Од аспект на здравјето каква е безбедноста на храната, како и на водата?

Она што нас ни е важно како организација е соодветен систем којшто постои во државата, соодветни механизми на контрола и регулација. Значи, не само крајните бројки, туку систем. Така што активностите што ги презема бирото за лекови од една страна, во однос на квалитетот на тие производи, републичкиот завод за здравствена заштита и заводите за здравствена заштита низ републиката, во однос на квалитетот на водата, храната и отпадните води, а уште повеќе дирекцијата за храна. Со сите нив блиско соработуваме и се трудиме што е можно повеќе да им помогнеме како во меѓу секторскиот пристап, бидејќи на пример Ветеринарниот институт и другите институции се вклучени во оваа активност и сметаме дека во овој момент регулаторни механизми постојат, истите се приближуваат кон ЕУ, меѓутоа актуелното спроведување се поголемо на терен е она што треба да се очекува понатаму. Во однос на спроведувањето на системот.

Актуелен беше проблемот со заушките. Има ли причини за сомнеж во квалитетот на вакцините?

Од страна на нашата организација, СЗО и глобално од страна на ОН во ниту еден момент не стануваше збор за сомнеж во квалитетот на вакцината. Приближно шест илјади лица заболеа во Републиката од ова заболување, со пик на возрасната група 15 до 19. Тоа се најчесто деца родени 90, 94, 95 година, коишто тогаш требало да ја примат таа вакцина. Во тој период оваа држава беше во ситуација на намален стандарден прилив од традиционалните снабдувачи на вакцина, а тие беа од Белград и Загреб. Поради тоа владата почна да обезбедува вакцини од сопствени извори, но како нова и сиромашна држава во одреден период мораше да се потпира на вакцини од донации. Просечно, ефикасноста на вакцините се од 60 до 80 проценти, значи она што вие го вакцинирате не значи дека го имунизирате, дека ќе создаде анти тела. Меѓутоа, да ја немаше оваа работа во однос на спроведување на вакцината, огромен би бил бројот на заболени. Овие епидемии знаат да траат подолго време, година, две, три. Соседна Бугарија веќе подолго време се мачи. Во моментот има неколку држави во светот во слична ситуација. Но, нашата препорака е државата да продолжи со стратегијата што ја има заземено, а тоа се двете дози, активно прочешчување на терен е она што ќе даде резултат.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG