Достапни линкови

Претставата „Балканот не е мртов“ прикажана во Франција


Скопје

Скопје

Балканот не е мртов наградениот драмски текст на Дејан Дуковски на Театарските игри Војдан Чернодрински во 1993 година, текстот кој во годиниве наназад беше силна провокација да го постават на сцена неколкумина македонски режисери како Сашо Миленковски, Александар Поповски и Софија Ристевска, неодамна премиерно беше изведен и во Театарот Силдавија кој работи во состав на Домот на Европа и Ориентот во Париз. Оваа фарса за средбата или подобро за судирот на два света ја режираше Французинот Доминик Долмие. Во неговата поставка улогите ги толкуваат Патрик Алагератоги, Селин Барк, Лоренс Бренди, Чо Јунг Со и останатите членови на трупата, за светлото се погрижил Оливие Вале, а за сценографијата Арбен Селими. А, по Париз каде што со успех се прикажуваше од 18 до 29 март годинава и по најавеното гостување во Националниот театар на Косово, претставата ќе и биде прикажана и на македонската публика. Организатори на ова случување се националната установа Македонски народен театар и Францускиот културен центар во Скопје.

„Има две сентенции за Балканот, едната е дека неможеш да се родиш и да умреш во една држава на Балканот, а другата е дека едни години се сушни, други се врнежливи, ама сите се историски. Така што низ ова гостување очекуваме да видиме една друга светлина, на овие наши настани.“

вели Нелко Нелковски, секретар за меѓународна соработка во МНТ. Инаку
идејата за проектот е родена во минатата година кога Дејан Дуковски, еден од најзначајните македонски писатели и драматурзи, чии дела се изведувани на пет континенти, автор на повеќе легендарни театарски претстави како што се Буре Барут, ММЕ ...кој прв почна, Дракула, Празен град и други престојувал во Куќата на Европа и Ориентот. Токму плод на неговата средба со Долмие е копродукцијата Балканот не е мртов за која француските критичари ќе забележат дека е вчудоневидувачки силна претстава полна со реализам и сила. Говорејќи за проектот на Куќата на Европа и Ориентот и особено за неговото значење за взаемната соработка помеѓу двете земји, Јуан Урес, директорот на Францускиот културен центар во Скопје, ќе забележи:

„Тоа една од културните институции која што најмногу прави за ,,зрачењето“ на македонската култура во Франција.“

Притоа тој забележува дека покрај промоцијата на делата на Дуковски оваа културна институција го помага и претставувањето на филмот Јас сум од Титов Велес на Теона Митевска, се подготвува и македонското културно претставување во регионот на Долна Нормандија, а активностите треба да се интензивираат со организаирањето на манифестацијата Македонска пролет во Франција која е планирана за идната 2010 година.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG