Достапни линкови

Коалиција пред вториот круг


Лидерот на ДУИ Али Ахмети
Лидерот на ДУИ Али Ахмети

Партиите не се изненадени од вчерашниот договор меѓу ВМРО ДПМНЕ и ДУИ. Сепак, велат тие, има нешто што е договорено, а се крие од јавноста

Партиите не се изненадени од договорот кој го потпишаа коалициските партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за меѓусебна поддршка во вториот изборен круг. Но иако ова било очекувано, од опозицијата изразуваат сомневање дека таквиот договор ќе се почитува на терен. Андреј Жерновски од Либералнодемократската партија вели дека искуството покажало дека нема да се постигне очекуваниот ефект од ваков тип договор.

„Ако сега повторно е договорено и на сила доаѓа договорот, тоа значи дека е повеќе од јасно дека има некоја опасност. Што се однесува до овој договор, од авион се гледа дека има нешто сосема друго коешто се крие.“

Не смее да има пазарења со гласовите на избирачите, велат и од Нова Демократија. Аријанит Хоџа од оваа партија вели дека е несериозно да се прават такви договори во име на гласачите.

„Има места каде што се отстапува од таа взаемна поддршка. Иако не е изненадување, претставува мистериозност од страна на партнерите што веќе го потпишаа тој договор.“

За дел од експертите договорот е позитивна работа. Владимир Божиновски од Институтот за демократија вели дека резултати ќе има, но сепак посочува дека не треба да се очекува дека целото глчасачко тело истиот ќе го почитува.

„И ВМРО и ДУИ и СДСМ имаат гласачко тело коешто е доследно на принципите за кои се залагаат лидерите на партиите, но се разбира не може целото гласачко тело да го послуша лидерот којшто ќе излезе и ќе каже.“

Аналитичарот Суат Мисини пак се сомнева во содржината на тоа што е договорено. Според него необјавувањето на договорот, во јавноста би можело да значи дека има детали кои ги знаат само првите луѓе на двете партии. И тој се сомнева дека гласачкото тело на ВМРО-ДПМНЕ или ДУИ ќе го поддржи кандидатот на едната или другата партија:

„Во конкретниов случај многу малку тоа може да функционира како што договориле лидерите и си ветиле. Главната причина е во тоа што членовите на ДУИ не се многу среќни од кандидатот на ВМРО ДПМНЕ“

Во вчерашното соопштение до јавноста ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ соопштија дека постигнале договор за добра коалициска соработка и поддршка во вториот изборен круг во неколку општини. Од ЛДП и Нова Демократија негираа дека овие две недели правеле слични договори со други партии за поддршка на нивните кандидати во вториот изборен круг.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG