Достапни линкови

Кампањата финишира


Изборни билборди на претседателските кандидати

Изборни билборди на претседателските кандидати

На три дена пред изборниот молк, експертите согласни дека претседателските кандидати не понудиле јасен концепт за начинот за решавање на кличните прашања за државата. Разлики сепак има во нивото за готовност за компромис

На три дена пред изборниот молк за вториот изборен круг двајцата кандидати не се доведоа себеси до состојба на кристализација на јасни визии за решавањето на клучните прашања за државата. И денеска, според експертите немаме појасни ставови од почетокот на кампањата уште помалку начини на кои би ја постигнале целта за која несомнено се залагаат и околу која ја воде клучната дебата -влез во ЕУ и НАТО и продолжување на преговорите со Грција за решавање на спорот за името. За градење државна стратегија и компромис кој нема да биде на штета на државата се залагаше од самиот почеток Ѓорѓе Иванов.

Претседателскиот кандидат Ѓорѓе Иванов гласа во првиот круг
„Македонија секако може да биде конструктивна, креативна, а некогаш и иновативна. Консензусот за нас е прифатлив само доколку не е на штета на државата. Компромис кој е на штета на државата не е компромис, туку тоа е пораз.“

Кандидатот на опозицијата Љубомир Фрчкоски се залагаше за дипломатска офанзива и можен компромис со прифаѓање некаква геграфска одредница но без компромис во делот на идентитетот и јазикот.

„Македонскиот идентитет, нација и јазик да биде гарантиран, за него никогаш не се преговарало, но сега додатно да биде гарантиран и да се преговара за име за меѓународна употреба кое ќе го замени ФИРОМ. Термините Северна и Горна Македонија се подобри од Република Македонија (Скопје)“

Двајцата кандидати се залагаат за приклучување кон НАТО и ЕУ, има разлики околу тоа колку треба да бидеме компромисни или не но не ни се јасни потезите кои ќе бидат преземени, коментираат експертите.

Претседателскиот кандидат Љубомир Фрчкоски гласа во првиот круг
„Има јасни концепти од двајцата во однос на тоа дека двајцата се за продолжување на преговорите. И двајцата во принцип не се спремни да разговараат за некој компромис што би го допрел македонскиот идентитет и јазик, но она што не е јасно од двајцата кандидати е како ќе го направат тоа.“

„Колку што јас знам почнаа да ни стануваат кристално јасни ставовите на грчката дипломатија, но ставовите на кандидатите, посебно на владеачкиот кандидат не беа многу јасни. Затоа што не се укажува на начинот на кој ќе го спроведат.

велат Аналитичарите Емил Атанасовски и Албер Муслиу.

Можеби, додава Атанасовски овој пристап е одбран поради тоа што изнесувањето на детали би и наштетил на нашата позиција во преговорите но во секој случај нивото на информираноста на граѓаните за ова прашање останува на нивото на кое беа информирани и до сега.
XS
SM
MD
LG