Достапни линкови

Македонија на Европското првенство во борење


Скопје
Скопје
Раководејќи се од Кубертеновата „Важно е да се учествува“, шест месеци по Олимпијадата во Кина, најтрофејниот македонски спорт - борењето се враќа на големата сцена. Од 1-ви до 5-ти април во главниот град на Литванија - Вилнус, ќе се одржи Европското првенство во слободен стил, елитно натпреварување кое ќе го збогатиме и ние, иако не во бројка која се планираше до пред една недела.

„Требаше да настапи и Мурат Рамазанов, но тој нема да настапи поради повреда. Исто така требаше да настапи и Дејан Богданов, но ќе биде спречен поради активности во врска со школувањето во Бугарија. Навистина е жалосно што еден млад борач во добра форма, што нема да настапи. Но, тоа е тоа.“

Изјави селекторот Страшо Глигоров, кој на собирот на најдобрите борачи во Европа замина со членот на Лирија, Љуљзим Вранези. Тој досега се натпреваруваше во категоријата до 64 килограми, но во Вилнус ќе ги тестира своите можности во онаа до 74. Затоа и нема големи очекувања кога е во прашање пласманот, особено по скромните подготовки пред патот за Литванија.

„Требаше малку посериозни да сме за подготовки, ние имаме настапувано само на еден трунир во Бугарија и директно одиме на Европско првенство, што е навистина малку.“

Вели Вранези, кој задоволен поради тоа што сега нема да се мачи со симнување килограми, се надева дека и со оваа промена ќе го разбие малерот од големите натпреварувања на кои за чекор или два не успеваше да освои медал.
Таа надеж е присутна и кај селекторот, според кого, иако во моментов не е во завидна ситуација, македонското борење има светла иднина.

„Располагаме со еден фонд на борачи што се квалитетни. Мислам дека со една добра реорганизација можеме да очекуваме добри резултати.“

Истакна Страшо Глигоров на чиј оптимизам влијаат најавите дека со поддршка од државата, Сојузот на боречки спортови на Македонија ќе се кандидира за домаќин на кадетско или младинско Европско првенство догодина, а во 2011 година и за организација на сениорско Еуро во борење.
XS
SM
MD
LG