Достапни линкови

Страв од економски национализам во светот


Томас Донели

Томас Донели

Страхувам од протекционистички мерки, но и од појава на национализам, вели Томас Донели, од Американскиот Ентерпрајз Институт за наводите дека може да дојде до забавување на проширувањето на ЕУ.

Германскиот канцелар Ангела Меркел неодамна изјави дека проширувањето на Европската унија мора да биде забавено со цел да се добие време за консолидација на блокот по неговото последно зголемување. Нејзината изјава дојде во момент на продлабочување на глобалната економска криза во која секоја земја е преокупирана со своите проблеми. Тоа, за Томас Донели е уште една потврда дека е можно да дојде до таканаречен економски национализам.

,,Апсолутно. Страхувам од протекционистички мерки, но и од политички национализам. Секако не во некакви фашистички видови на изразување. Мислам дека национализмот ќе биде во пораст, но не во агресивна смисла на зборот, туку повеќе како свртување кон себе. Можеби тоа е и шанса за новите европски демократии во централна и источна Европа. Наместо да очекуваат помош од Германија, од Запана Европа, тие држави ако добро се позиционираат ќе можат и да профитираат,,.
Сметам дека не е упатно да се подгреваат надежите во Србија оти часовникот може да се врати назад или дека американците и европејците ќе извршат фундаментална ревизија на своите претходни одлуки


Вели Донели, прецизирајќи дека со отворање на своите пазари и натамошните реформи овие земји ќе можат да ја подобрат нивната преговарачка позиција спрема развиениот дел на Европа. Во врска со прашањето на косовскиот статус Донели смета дека меѓу Вашингтон, воден од новата администрација на Обама, и Брисел постои широка согласност дека ова прашање веќе е решено:

,,Сметам дека не е упатно да се подгреваат надежите во Србија оти часовникот може да се врати назад или дека американците и европејците ќе извршат фундаментална ревизија на своите претходни одлуки. Ниту намерата на претседателот Обама да ги поправи односите со Москва нема ништо да смени во американскиот однос спрема Косово,,.

Вели Донели, додавајќи дека подобрувањето на релациите меѓу Соединетите држави и Русија во многу ќе зависи од одговорот на Москва на понудените американски иницијативи, односно од нејзините вистински намери:

,,Се укажа добра можност за подобрување на односите, но и натаму на сцена се значајни разлики во ставовите за некои европски прашања, но и за Авганистан, за Далечниот Исток. Значи постојат многу точки на можен конфликт. Можноста за дијалог е тука, но ќе видиме како таа ќе биде искористена,,.

Томас Донели е скептичен и во врска со мерките на американската администрација за справување со економската криза. На прашањето дали Соединетите држави наскоро би можело да почнат да излегуваат од кризата тој вели:

,,Не сум сигурен во тоа. Некои рецепти на новата админинстрација не ме уверија дека ќе тргнеме на патот кон економски пораст. Најмногу ме загрижува ширењето на државната контрола врз економијата и врз пазарот. На таков начин се затвора пазарот што е лошо и за другите земји. Загрижен сум што Соединетите држави, барем краткорочно, ќе бидат помалку подготвени да ја играат досегашната улога на борец за отворени пазари,,.

вели Томас Донели, експерт од Американскиот Ентерпрајз Институт во интервјуто за Радио Слободна Европа.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG