Достапни линкови

Главните актери на изборите во трка по гласовите


Гласачи

Гласачи

Претстои уште недела во која кандидатите ќе се обидат да ги освојат гласовите на граѓаните. Пораката од Брисел останува, потребни се фер избори за евро атлантската иднина на Македонија

Откако полуфиналето го помина во фер и демократска атмосфера, Македонија се подготвува за финалето на претседателските и локалните избори. Главните актери на терен по нови гласови, старо-нови ветувања и обиди да се придобијат неопределените гласачи, изборни математики и прогнози за можните резултати..ете така изгледа македонското секојдневие.Генералната оценка на домашните аналитичари е дека првиот круг покажа оти кога сакаме, можеме да организираме коректни избори. Меѓудругото истиот понуди и изненадувања.

За проф. Јове Кекеновски од Факултетот за општествени науки најголемото изненадување во првиот изборен круг биле големиот број на гласови кои ги добија независниот кандидат Љубе Бошковски и лидерот на Нова демократија Имер Селмани.

,,Се покажа дека голем број на гласови коишто ги доби ВМРО ДПМНЕ едноствно исчезнаа од нејзиното конто, што појажува дека вмровското гласачко тело едноставно е незадоволно од тоа како премиерот Груевски ја води државата, па и партијата ВМРО ДПМНЕ, а тоа јасно покажува, огромниот број гласови што ги освои независниот кандидат Љубе Бошковски, значи за прв пат во историјата, еден независен кандидат да освои некаде повеќе од 155 илјади гласови."

Претседателскиот кандидат на СДСМ Љубомир Фрчкоски гласа во првиот круг
Најважно од се е што изборите беа мирни, се согласува и политикологот Жидас Даскаловски од Центарот за истражување и креирање политики. И за него најголемо изненадување биле гласовите на Бошковски, но и малата излезност на Албанците во Македонија.

,,Тешко е да се објасни. Не знаеме што би можело да биде. Дали е тоа заситеност од понудата на политичките опции на Албанците или временските услови, не е тука многу јасно, зошто Албанците излегоа во многу мал број, за разлика од Македонците, кои имаа излезност од 60 проценти."

Според аналитичарот Албет Муслиу пак првиот круг го нарушил ексклузивитетот на водечките партии и ги најавил новите сили на политичката сцена во земјава. Најважно од се, тие покажаа дека стереотипите се минато, вели Муслиу.

,,Ги освести политичките партии, особено некои резултати, дека не е важно само партијата да биде аванградна, или која е на прв фронт, туку треба да почнат да размислуваат и за личностите. Се покажа, дека ако државата има интерес и одлучност, изборите се регуларни и веќе никој не може да да се извлече со префрлање на вината на другиот."

Како и да е, првиот круг од изборите е зад нас. Сега вниманието и на меѓународната заедница и на македонската јавност е насочено кон она што не очекува на 5 април.
Првиот круг ветува позитивна атмосфера во вториот, велат аналитичарите. Сепак некои од нив стравуваат од можноста да не се исполни потребниот цензус.

,,Ќе биде интересно дали воопшто ќе се исполни цензусот. Под претпоставка сите оние што гласале за Бошковски, Ружи, Фрчкоски и Иванов да излезат на гласање ќе биде на граница на цензусот и тука е големо прашање дали Албанците ќе бидат мотивирани да гласаат во вториот круг, и за кого."

Според Кекеновски и Муслиу пак нема сомневање дека граѓаните ќе излезат во доволен број на гласање во вториот круг. Тие очекуваат подинамична кампања и заострена реторика во последните неколку дена пред финалето.

,,Мислам дека таа бројка во Република Македонија барем во моментов не е проблем, особено што двете политички партии имаат мотив повеќе да го мотивираат своето членство. Значи, доволно е членството на двете најголеми политички партии да го направат тој цензус. Особено што, тука ќе се вклучат и коалицините партнери, можно е да се случат и нови коалиции, секој во таа коалиција ќе си го најде својот интерес и ќе настојува своите членови и симпатизети да ги замоли да излеат на избори."
,,Кампањата сигурно ќе се заостри и јас мислам дека ќе мораат кандидатите и да се соочат. Активностите кои ги спроведуваат пред овој круг на избори, како заеднички ручсци итн ќе се лимитираат, затоа што има веќе два кандидати и мислам дека е низбежно, ако не повеќепати, тогаш еднаш или два пати истите кандидати да се соочат и да ги изложат своите ставови."

Фер и демократски избори кои ќе ги исполнат меѓународните стандарди, се очекувањата и на набљудувачката мисија на ОБСЕ во земјава, ОДИХР. Првиот човек на оваа органзиација Питер Ајкер се надева дека работите ќе бидат подобри отколку полоши во вториот круг.

,,Секогаш сакам да гледам добри избори и секогаш сум посреќен кога можам да дадам позитивна изјава на крајот на изборниот процес. Значи да, јас се надевам дека за две недели ќе дадеме уште попозитивен извештај, но ќе видиме. Ова е големо прашање кое не го опфаќа мојот мандат. Сепак станува збор за одлука која другите ќе ја донесат"

Претседателските кандидати и оние кои се се уште во трката за усвојување на локалната власт деновиве се повторно на терен. Средби со граѓаните и обиди да ги убедат дека нивната програма и визија се најдобриот избор. За претседателските кандидати приоритети остануваат евроатланските интеграции и добрососедската политика.

Љубомир Фрчковски, кандидатот на Социјалдемократскиот сојуз ветува борба против изолационизмот во кој според него се наоѓа Македонија

,,Треба да имате капацитет, да ги вратите меѓународните позиии на Македонија и стартегшките позиции од пред оваа изолација. Тогаш ќе отворите прозор, на кој ниту една внатрешна институција не може да остане рамнодушна. На пример, ако со дипломатска офанзива ги објасните позициите Македонија вистински да се интегрира во НАТО, всушност Македонија да не глуми интеграција во НАТО, а всушност да заговара изолација. Вие можете да ги вратите пријателите. Затоа што наш проблем е што сега, немаме разбирање за нашите позиции меѓу нашите пријатели."

За Ѓорге Иванов пак кој е поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија приоритет ќе биде водењето на национална политика која ќе овозможи блискост со сите соседи. Македонија вели тој треба секогаш да биде конструктивна, креативна и иновативна.Улогата на претседателот според Иванов е да обединува, а не да дели.

Претседателскиот кандидат на ВМРО ДПМНЕ Ѓорѓе Иванов гласа во првиот круг
,,Тоа би било пред се, една единствена и одговорна надворешна политика, во која, ќе биде земено предвид сето она што го нуди глобализацијата, една национална надворешна политика која нема да има еднаква дистанца од сите, туку еднаква блискост со сите. Нас ни е неопходно сите оние позитивни работи кои ги имаме со соседите, да ги поттикнуваме, а проблемите што ги имаме и така ќе останат и ќе наоѓаме начини како да ги решаваме."

Со визија за поубаво и почисто Скопје, двајцата кандидати кои се борат за градоначалничкото место во главниот град, деновиве ги убедуваат граѓаните во вистинитоста на она што е напишано во нивните изборни програми.


,,Ќе се обидам да ги убедам граѓаните во предноста на мојата програма и визијата што ја имам за градот."
,,Заедно со градоначалниците коишто се избрани, сите ќе бидат активно вклучени во презентација на изборната програма, затоа што тоа ќе значи дел од нивната програма,"

велат Тито Петковски кандидат за градоначалник на СДСМ И НСДП и Коце Трајановски, кандидатот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Но, еве кои според аналитичарите треба да бидат приоритетите на идниот претседател и градоначалник:

,,Тие конечно мора да се спуштат на земја и да бидат реални и да дискутираат исклучиво за своите надлежности. Зборувам за претседателските кандидати, оние надлежности коишто се загарантирани со уставот на Република Македонија."
,,Градоначалниците имаа свои обврски од сферата на локалната самоуправа, да им обезбедат на граѓаните поквалитетен живот, почиста средина, да повлечат по можност инвеститори. Претседателските канидати ќе мора да повлечат прашања од нивниот домен."
,,Приоритет на претседателот треба да биде коодрдинирано работење со владата, во правец на решавање на главниот проблем, тоа се НАТО и ЕУ интеграциите. Односно, проактивно однесување во однос на прашањето за разрешување на разликите со името кои ги имаме со Грција. Кај градоначалниците ќе биде многу битно веднаш да се зафатат со работа со своите програми. Да има континуитет на работа на сите општини,"

велат Кекеноски, Муслиу и Даскаловски

Како ќе се одвиваат работите, веројатно ќе биде појасно откако ќе помине и вториот изборен круг. А до тогаш претстои уште една седмица. Уште неколку дена кои ќе ги живееме во духот на изборните хроники, меѓупартиски препукувања и апели за фер и демократско спроведување на изборите и успешно завршување на испитот кој ни претстои. Брисел порача дека од тоа дали ќе добиеме преодна оценка ќе зависи евроатланската иднина на Македонија.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG