Достапни линкови

НБМ ги зголеми каматите на благајничките записи


Пари и кредитни картички
Пари и кредитни картички
Народната банка на Македонија дополнително го затегна ременот околу монетарната политика. Гувернерот Петар Гошев најави зголемување на каматните стапки на благајничките записи за 2 процентни поени или од седум на девет отсто. Причините за воведување на порестриктивна монетарна политика се должат на развојот на светската криза која се повеќе се проектира во земјава.

„Ние мислиме дека највисока цена би платила македонската економија, доколку не се оддржи макроекономската стабилност.“

Гувернерот констатира дека доколку во развиените земји светската економска и финансиска криза се заканува со дефлација, во Македонија ефектите од кризата и се закануваат на стабилноста на девизниот курс.

„Карактеристиките на нашата економија и од неа произлезената монетарна стратегија, во која повторувам централна точка е оддржувањето на стабилноста на девизниот курс, ги прават неосновани барања за преземање исти или слични мерки кои што ги преземаат развиените држави како одговор на кризата во која што западнаа.“

Гувернерот одби да коментира како зголемувањето на каматите на благајничките записи ќе се одрази врз каматите во приватните банки:

„Тоа неможе да се каже затоа што банките се самостојни приватни компании и тие одлучуваат што ќе направат во врска со својата политика. Искуството од минатото говори дека неодат право-пропорционално работите секогаш на сигналите на НБМ... Ќе видиме.“

Претставниците од банките за сега се недостапни, а од Министерството за финансии велат дека не сакаат да ги коментираат одлуките на Централната банка. Експертската јавност е поделена во поглед на оправданоста на строгата монетарна политика. Едни се за затегање на ременот, посебно во поглед на трошењето, додека други сметаат дека тоа ја кочи економијата

„Треба монетарните власти да не бидат толку ригидни, односно кредитната политика малку да биде насочена кон производството, односно да не бидат толку скапи кредитите.“

рече професорката Марија Зарезанкова Потевкса во изјава на оваа тема.
Гувернерот од друга страна, ја правда одлуката за поголемата рестриктивност:

„И тука не се согласуваме со многу луѓе кои што ги читаме по весниците и даваат разни изјави.“

Инаку од НБРМ исто така констатираат дека не е регистриран одлив на странски капитал од земјава, но нема нити поголеми приливи. Девизните резерви се проценуваат на миљарда и триста милиони евра.
XS
SM
MD
LG