Достапни линкови

Избор на нов претседател на одбојкарската федерација


Скопје

Скопје

Одбојкарската федерација на Македонија ќе има Собрание на кое ќе избира нов претседател. За функцијата досега се кандидираше само спортскиот директор на репрезентациите Петар Јовановски.

Неочекувано, по годината во која се реактивира женската репрезентација, а мажите беа на чекор од Европското првенство, Одбојкарската федерација на Македонија ќе има Собрание на кое ќе избира нов претседател.
Изненадувањето е поради тоа што Изборното Собрание се одржува само две години по доаѓањето на Марјан Јованов и во ситуација кога никој не бараше промени. Сепак, поради неможноста во целост да се посвети на обврските, Јованов реши да ја отстапи фотелјата наменета за првиот човек на нашата одбојка, за која досега се кандидираше само спортскиот директор на репрезентациите Петар Јовановски. Со оглед на тоа што конкурсот е отворен до почетокот на Собранието, не е исклучено до недела да се појави уште некој кандидат, но поради поддршката што ја има и од претседателот во заминување, се очекува токму Јовановски да го преземе раководењето на Федерацијата. А, потоа, неговиот план е ...

„Да го продолжам работењето на претходниот претседател, бидејќи сметам дека имавме успешна година, акцент би ставил на машката селекција и на работењето со младите категории.“

Изјави Петар Јовановски.
Тој има многу идеи за заживување на клупската одбојка, иако е свесен дека тоа нема да е лесно и ќе зависи пред се од клубовите и интересот на спонзорите да вложуваат во нив. Во ова време на општа криза тоа е многу тешко, особено во ситуација кога имаме само по два машки и женски клуба во кои колку-толку се работи професионално. Затоа главна цел како прв човек на Федерацијата ќе му биде афирмацијата на мак-одбојката преку машкиот национален тим. Тој лани стигна до баражот за пласман на Еуро, беше елиминиран од силната Чешка, но најави потенцијал за поголеми дострели.

„Таа генерација сметаме дека може во 2009-та и 2010-та година мислиме дека ќе го даде својот максимум и со малку среќа ќе се најдеме на европското првенство.“

Додава екс одбојкарот на Вардар и на Работнички, кој не ја заборава и женската репрезентација, за чии активности ќе бара финансиска поддршка од двата водечки клуба во оваа конкуренција, Форца и Работнички.

„Доколку и тие би и помогнале на федерацијата, и доколку сметаат дека тоа и нив ќе им значи, федерацијата секогаш ќе биде достапна. Во спротивно неможеме да вложуваме во нешто што неможеме да го платиме.“

Истакна на крајот кандидатот за нов претседател на ОФМ, Петар Јовановски, кој за реализација на своите идеи, а пред се за доброто на мак-одбојката очекува соработка од сите инволвирани во овој спорт кај нас.
XS
SM
MD
LG