Достапни линкови

Уште две недели кампања


Изборни плакати во Скопје

Изборни плакати во Скопје

Кандидатите што одат во вториот круг на изборите ги анализираат изборните резултати и подготвуваат стратегија за настап во остатакот од кампањата

Остануваат уште две недели кампања во која партиите ќе ги убедуваат граѓаните, дека токму нивните кандидати за претседател и за градоначалници се вистинскиот избор. Оние кои освоија повеќе гласови во првиот изборен круг велат дека нема потреба да ја менуваат кампањата, додека тие што во вториот круг влегоа како второпласирани најавуваат засилени предизборни активности.
Потпретседателот на ДУИ Рафиз Алити е задоволен од изборните резултати и вели дека очекува ДУИ да освои повеќе градоначалнички места од сегашните.

„Што се однесува до кампањата, секако дека нема да ја променима во однос на првиот круг. Водевме добра кампања, комбинирана и со големи митинзи и со непосредни средби и во вториот круг ќе продолжиме со истата кампања.“

Кандидатот за градоначалник за Скопје на ВМРО-ДПМНЕ Коце Трајановски вели дека неговиот тим се уште анализира и работи на стратегијата за претставување пред граѓаните во наредниве две недели.

„Ќе ја презентираме програмата, со оглед на тоа што победивме во најголем број од општините. Заедно со градоначалниците, независно од тоа дали се избрани во првиот круг или остануваат и во вториот, сите ќе бидат активно вклучени во презентација на програмата, бидејќи тоа е дел и од нивната програма.“

Лидерот на НСДП и опозициски кандидат за градоначалник на Скопје Тито Петковски ќе ја претставува програмата преку непосредни средби со граѓаните. Вели дека не го загрижува големата предност на неговиот противкандидат Коце Трајановски од првиот изборен круг.

„Се што беше во првиот круг не се важи. Одиме натаму и сега е се на почеток, резултатите не се сметаат од првиот круг.“

Петковски вели дека гласачката култура на скопјани е на повисоко ниво и затоа не верува дека некој од кандидатите што испаднаа од првиот круг може механички да му ги пренесе гласовите.

„Политичката култура е малку на повисоко ниво. Нема трговија со гласовите, тоа е невозможно да се направи. Ќе се обидам да ги убедам граѓаните во предноста на мојата програма.“

Во вториот изборен круг на претседателските избори се судруваат кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов и на СДСМ Љубомир Фрчкоски. Државната изборна комисија соопшти дека во првиот изборен круг се избрани 32 градоначалници. Четириесет и пет општини ќе добијат градски татко по вториот круг, а податоците за осум општини се уште не се обработени. Вториот круг се одржува на 5 април.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG