Достапни линкови

Иванов и Фрчкоски во втор круг за претседател


Прес конференција на ДИК

Прес конференција на ДИК

ДИК ги објави првичните резултати. 32 општини имаат градоначалници во првиот круг, во 45 општини ќе има втор круг, а осум општини не се обработени. Коце Трајановски и Тито Петковски во втор круг за градоначалник на Скопје.

Македонија, вчера, не избра претседател, а во вториот круг на петти април ќе се судрат кандидатите предложени од двете најголеми партии, соопштува претседателот на Државната изборна комисија Александар Новаковски.

„Според овие првични резултати во вториот круг влегува кандидатот за претседател на Република Македонија под реден број 4 Ѓорѓе Иванов 62 пратеници со освоени 343,374 гласови и кандидатот за претседател на Република Македонија под реден број седум Љубомир Данаилов Фрчкоски со освоени 200,316 гласа.“

Според податоците на ДИК, по обработени речиси 95 отсто од гласачките места, третото место на претседателските избори го освојува Имер Селмани со речиси 147 илјади гласови, а веднаш по него е независниот кандидат Љубе Бошкоски со освоени нешто помалку од 146 илјади гласови.

Според тие податоци, 32 општини во Македонија веќе имаат нови градоначалници, во 45 општини градоначалник ќе се бира во вториот круг, а ДИК се уште не ги обработил податоците за 8 општини.

Во 134 избирачки места не се одржа гласање. Овие гласачи не влијаат на резултатот од претседателските избори вели ДИК, а тие дополнителнио ќе утврдуваат дали овие гласови влијаат на исходот од локалните избори. Доколку гласовите влијаат на исходот од локалните избори, за две недели ќе се прегласува првиот круг.

„Јас сега не би можел да ви кажам за точниот број на овие необработени, туку портпаролот ќе ве извести, според овие обработени резултати, кажав дека нема да има втор круг, но да причекаме, течат роковите за жалба.“

Скопјани не успеаја да изберат градоначалник во првиот круг. За две недели ќе се судрат кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Коце Трајановски и кандидатот подржан од НСДП и СДСМ Тито Петковски.

ВМРО-ДПМНЕ, во првиот круг, доби градоначалник во Прилеп, Битола и во Штип, а СДСМ, уште во првиот круг, победи во Струмица.

Ова се првични резултати и тече рокот за жалби. ДИК соопштува дека до сега нема пристигнато ниту една жалба. Вториот круг на изборите се одржува за две недели.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG