Достапни линкови

Иванов и Фрчкоски во вториот круг


Избори 2009
Избори 2009

Според првичните резултати на ДИК од 94 проценти од гласачките места Иванов и Фрчкоски ќе се соочат во вториот круг. И власта и опозицијата задоволни од изборните резултати

Кандидатите на ВМРО ДПМНЕ и на СДСМ Ѓорѓе Иванов и Љубомир Фрчкоски според првичните неофицијални резултати што ги објави ДИК ќе се судрат во вториот круг на претседателските избори. Портпаролот на ДИК Зоран Таневски соопштува дека по пристигнати податоци од 94 проценти од гласачките места одзивот на изборите во земјава е над 57 насто, а во Скопје над 54 насто:

„Имер Селмани има добиено 15 насто од гласовите, Мируше Хоџа 3 насто, Нано Ружин 4 насто, Ѓорѓе Иванов 35 насто, Љубе Бошковски 14 насто, Агрон Буџаку 7 насто и Љубомир Данаилов Фрчкоски 20 насто.“

Синоќа речиси сите партии се радуваа на изборната победа. ВМРО ДПМНЕ зашто освои повеќе гласови од СДСМ, а опозицијата зашто остварува подобар резултат од претходните парламентарни избори.

Во раните утрински часови членовите и симпатизерите на ВМРО ДПМНЕ ја славеа изборната победа на скопскиот плоштад. Според изборниот штаб на ВМРО ДПМНЕ нивниот кандидат Ѓорѓе Иванов по првиот круг убедливо води пред Љубомир Фрчкоски од СДСМ. ВМРО ДПМНЕ соопшти дека во првиот круг освоиле 23 градоначалнички места, наспроти четири на СДСМ, а според нив водат и за градоначалник на градот Скопје. Претседателскиот кандидат Ѓорѓе Иванов вчера оцени дека Македонија го положила тестот на демократијата и рече дека ги очекува гласовите на Љубе Бошковски:

„Од секого очекуваме. Станува збор за Македонија. Изборите се тајни, очекуваме секој што и мисли добро на Македонија да излезе да гласа, а за кој ќе гласа тоа е негово право.“

СДСМ пак покрај освоените четири, објавија дека се во водство во повеќе општини и дека разликата меѓу Иванов и Фрчкоски не е многу голема. Според нив, владеачката партија го губи рејтингот во однос на минатогодишните парламентарни избори. Портпаролот на СДСМ Емилијан Станковиќ соопшти дека за вториот изборен круг ќе се обидат да ја добијат поддршката од сите, како што вели, про НАТО ориентирани кандидати кои според него, вкупно, освоиле повеќе гласови од Иванов:

„Колку и да се труди ВМРО ДПМНЕ да го сокрие тоа, Македонија се буди, а СДСМ се враќа на голема врата. Благодарам.“

Вториот круг на изборите се одржува за две недели.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG