Достапни линкови

Нов бран отпуштања во Битола


Битола
Битола

Нов бран на отпуштања на работници во Битола. Рецесијата не ги заобиколи текстилните компании во градот. Странските партнерски фирми им ги откажаа нарачките, пренасочувајќи ги за Азија каде работните трошоци се далеку поевтини. Како последица на ваквата криза без работа деновиве останаа стотина шивачки од една од најреномираните битолски конфекциски претпријатија „Мокел”. Ситуацијата на отпуштените работници е далеку попроблематична зашто најголемиот дел од нив се во поодминати години со намалена работоспособност и со мали изгледи за нови вработувања.

„Имав мајка која работеше во фирмата, сестра исто така. Сите се пензионираа од тука, а мене сега ме бркаат од работа без ништо.“

„Избркани сме од работа. Решенија добивме по 35 изработени години, а старост имаме над 50 години. Нема каде да одиме на друго место. Оставени сме на улица. Единствено што ќе добиеме едни картони за здравство.“

„Немало доволно работа од странските партнери. Скоро сите бригади заминаа дома. Ни беше речено кој што има ќе користи годишен одмор, неплатен, не знаеа дали 70 или 80 проценти од вработените. Лично мене ме повикаа и ми рекоа дека ни го прекинуваат работниот однос, да си одиме.“

раскажуваат отпуштените работници. Во Битола има околу 15-тина текстилни конфекции, од кои поголемиот дел со грчки капитал. Дел работат лесна, а дел тешка конфекција. Скоро сите се погодени од глобалната економска криза и досега отпуштиле повеќемина од вработените.

„Во претходните години ако овој тежок период за текстилот го покривавме со 60, 70 отсто од капацитетот, сега паднавме на нула, освен во јануари кога имавме ангажирано 30 проценти од капацитетот. Самото тоа зборува дека при намален капацитет на работа, мора да се врши намалување на работната сила. Не може текстилот да издржи со такви трошоци, со вакво намалено рпоизводство и плус ниски цени.“

изјави Тоде Богоевски, менаџер на текстилната фабрика „Мокел”. Само во последните пет месеци над 1100 битолчани останаа без работа. Ваквата лоша економска слика на Битола е последица на кризата во текстилната индустрија, но и на пропаѓањето на градежните фирми во градот, поради рецесијата, и затворањето на пиварницата. Најголемиот дел испуштените работници се без право на пензија, некои и без регулиран стаж за повеќе години и неисплатени плати. Градот под Пелистер и понатаму е меѓу првите во државата по бројот на невработени. Заклучно до крајот на минатата година во Агенцијата за вработување беа евидентирани околу 19 илјади невработени битолчани. Од нив 2000 на возраст од над 45 години кога е тешко да се најде нова работа.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG