Достапни линкови

Во пожар изгоре дом на прилепско семејство


Прилеп

Прилеп

40-годишната Наташа Грижоска е самохрана мајка на две деца. По смртта на сопругот, кој загина во сообраќајна несреќа, таа 5 години сама се бори низ животот, обидувајќи се да обезбеди доволно средства за школување на двете деца, поголемиот син Наум, студент на битолскиот универзитет и Филип кој учи во 4-та година во прилепската гимназија. Долго време тие живееле само со скромната пензија на бабата Иванка. Неодамна Наташа сепак успеала да најде работа. И кога им се родила надеж дека можеби идат посветли денови, им се случи нова несреќа. Двокатната куќа во центарот на Прилеп само за неколку часа им изгоре до темел, со целата покуќнина. Сега се сами, осамени, немоќни, во безизлез.

„Внатре е се изгорено. Не постои ништо, штетата е огромна.“

Вели Бранислав Атанасоски, близок роднина на Грижоски, зашто тие сите во шок, немаат сила велат да застанат пред микрофонот и да ја раскажат нивната мака.Сепак молат и бараат помош од сите хумани луѓе. Во студените зимски денови, вратата им ја отворија роднините и пријателите.

„Тука сме ние сепак роднините, фамилиите, најблиските, за тоа сигурно дека ќе се погрижиме.“

Но, Грижоски не ќе можат можеби долги години, да имаат повторно свој дом.

„Тешко дека може за брзо време оваа фамилија да создаде такви средства да ја обнови оваа куќа, тоа единствено би можело со помош.“

Сега живеат меѓу сонот и јавето, немаат визија, ги мачи неизвесноста како натаму, што ке им донесе судбината.Единствено велат се надеваат дека сепак и во денешниот современ свет, има добри, хумани, несебични луѓе кои ќе им помогнат да го остварат сонот, да се разбудат сите четворица под заеднички покрив, во нивна куќа како некогаш и скромниот ручек да го изедат во мир, спокојство и разбирање, со љубов која им помага да ги надминат сите искушенија кои им ги носи животот.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG