Достапни линкови

Изборите во Македонија досега без посериозни проблеми


На претседателските избори, одѕивот до 13 часот, од обработени 82,06 проценти од вкупниот број избирачки места, е 26,24 проценти, односно својот глас го дале 403.722 избирачи од вкупно запишаните 1.792.082, соопшти на денешната втора прес - конференција претседателот на Државната изборна комисија Александар Новакоски.
За локалните избори, пак, се добиени и обработени податоци од 81,92 проценти од избирачките места и на нив одзивот до 13 часот е 26,23 проценти, односно своето гласачко право го оствариле 402.902 избирачи.
До ДИК пристигнале и се обработени податоци од 507 избирачки места од вкупно 536 во Градот Скопје. Според нив, излезноста до 13 часот е 24,06 проценти, односно на гласање излегле 102.299 од запишани 450.691 избирачи.
Како што посочи претседателот на ДИК, одговарајќи на новинарско прашање, на парламентарните избори што се одржаа лани до 13 часот излезноста била околу 28 проценти.
На денешните избори, според ДИК, не се отворени 103 избирачки места во 30 општини. Тоа е 3,5 проценти од вкупниот број избирачки места. На овие места се запишани 12.000 избирачи, што е помалку од еден процент од вкупниот број запишани избирачи во земјава. Со одлука на Државната изборна комисија на овие 103 места гласањето ќе се одржи дополнително.
Освен на овие избирачки места, рече Новаквски, на другите избирачки места изборниот процес се одвива непречено.
Тој посочи дека до Комисијата досега нема ниту една официјална потврда од општинските изборни комисии за некакви нерегуларности, но оти има неколку дописи и информации кои ДИК ги проверува.
- Имаме дописи кои ги проверуваме. Во нив се јавува за одредени појави на теренот, но ДИК до сега нема некој официјален приговор во кој се посочува точно дека некаде има некој проблем. Само во Пласница на едно избирачко место констатирано е давање едно гласачко ливче од неутврден сторител, тоа е спречено и ОИК треба да даде официјален записник за констатираната состојба, истакна Новаковски во врска со случајот кога едно лице во Пласница се обидело да даде гласачко ливче со заокружени кандидати.
Во Република Македонија денеска истовремено се одржуваат четвртите претседателски и петтите локални избори.
XS
SM
MD
LG