Достапни линкови

Кампањата мирна, ама обвинувањата продолжуваат


Македонија - избори

Македонија - избори

Победа на изборите или влез во вториот круг очекуваат речиси сите политички партии. Тие се едногласни во оценката дека кампањата поминува во мирна атмосфера. Опозицијата, сепак, забележа низа неправилности кои, според нив, може да фрлат дамка врз целиот изборен процес. Владеачката партија одлучи, заради спречување на насилствата, на избирачките места да распореди вискои партиски и државни функционери. Опозицијата реагира, дека на претседателските избори во 1999 година, ги испратиле своите пратеници како набљудувачи, но тие биле претепани и врз нив се пукало. Пратеничката Цветанка Иванова од СДСМ посочува дека, во текот на кампањата, владата ги замајува гласачите со поставување камен-темелници.

„Најмногу во моментов работи Центарот за социјални работи, каде што се дели ,,од рака“ социјална помош се со цел да се купи глас повеќе. Имаме масовна сеча на шумите, на очиглед на граѓаните. Сето ова значи дека за кампањава неможе да стане збор дека е фер.“

Лидерот на НСДП Тито Петковски го оцени како обид за заплашување и тоа што полицијата ги побара личните податоци од партиските набљудувачи, но наоѓа и други неправилности.
Владата безмилосно троши државни пари во кампањата, вели лидерот на НСДП Тито Петковски. Освен тоа, тој се сомнева дека има злоупотреби на избирачкиот список. Од нешто помалку од 2 милиони и 100 илјади жители во Македонија, има безмалку 1,8 милиони регистрирани гласачи, вели Петковски.

„Па каква е таа голема диспропорција меѓу бројот на жителите и мала бројка на луѓе кои што нема да гласаат на изборите.“

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ вели дека дамка на изборната кампања фрлаат токму личните навреди кои според нив ги пласира опозицијата. Тие немаат што да понудат и затоа се служат со лаги, вели Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Едноставно во недостаток на програма, во недостаток на реална понуда на проекти во интерес на граѓаните, СДСМ во текот на целата кампања во конструкции и манипулации, се обидува да го скрие хаосот во своите редови, кадровкиот дефицит и немањето програма.“

Портпаролот на Нова демократија Аријанит Хоџа вели дека изборите за нив ќе бидат успешни, ако бидат фер и демократски.

„Тој ден да биде ден во кој ќе нема губитници и виновници, туку да има една вистинска победа, која што ќе биде победа за сите граѓани на државата.“

Кампањата завршува ноќеска на полноќ, кога почнува изборниот молк.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG