Достапни линкови

Потребен ли е аранжман со ММФ?


Меѓународен Монетарен Фонд
Меѓународен Монетарен Фонд

Експертите се согласуваат дека аранжманот со ММФ е насочен кон макроекономска стабилност, а не кон развој. Тие се поделени мислења дали тој е потребен

Владата, засега, не планира да склучи нов аранжман со ММФ, но ја остава отворена можноста во иднина да ги земе предвид насоките на Фондот, иако, без склучен аранжман, не е обврзана на тоа, велат во Министерството за финансии. Тие посочуваат дека, и покрај различните ставови со ММФ, ги почитуваат нивните препораки.

Економистите, пак, имаат различни мислења за прашањето дали на Македонија и е потребен нов аранжман со Меѓународниот монетарен фонд.

Едни сметаат дека во услови на светска криза на Македонија и е потребна надворешна контрола на трошењето на парите, заради одржување економска стабилност. Другите, пак, велат дека на ММФ му е битна само стабилноста, а на Македонија и треба развој.
Професор Петрит Положани смета дека контролата на јавната потрошувачка е многу битна во услови на светска криза.

„Рецесијата во која се наоѓа светската економија гледаме дека ни е потребен аранжма со ММФ, затоа што тој ни врши контрола и ни помага во одредени ситуации во финансиската сфера. Јас сметам дека е добро бидејќи ни врши контрола.“

Од друга страна, професор Марија Зарезанкова Потевска вели дека Македонија, во смисол на економски развој, нема најдобро исуство со Меѓународниот монетарен фонд. Според неа, на сметка на макроекономската стабилност, Фондот го кочи економскиот раст.

„Ние немавме баш најдобро искуство во смисол на економски развој со ММФ, затоа што неговите препораки беа одржување на макро економската стабилност, но не обезбедивме раст во минатото. Од тој аспект сум малку скептична за нов аранжман. Или можеби треба да има нов аранжман којшто ќе ги има предвид аспектите на развојот, не само стабилноста.“

Положани се согласува дека ММФ го кочи развојот, но нагласува дека во моментов на Македонија приоритетна и е стабилноста.

„Во своите правила има начин каде што се дестимулира развојната компонента заради стабилноста на макроекономската сфера. Но, јас сметам дека Фондот би помогнал кај нас.“

Во извештајот од почетокот на годинава, ММФ предупредува дека буџетската политика на Владата насочена кон трошење, поголемо од можностите, ќе ја дестабилизира македонската економија. За ММФ загрижувачки е што Владата предвидува зголемување на буџетскиот дефицит за да реализира повеќе јавни инвестиции. Според ММФ, таквата политика ќе овозможи незначителен раст, а за сметка на тоа државата ќе го истисне приватниот сектор, ќе стане најголем инвеститор во земјава и на тој начин ќе го уништи стопанството.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG