Достапни линкови

Ветувања има, ама пари за општините нема


Скопје
Скопје
Во каква состојба ќе ја наследи градоначалничката фотеља новиот татко на Скопје? Дали ќе има услови за остварување на сите замислени проекти од програмите на кандидатите? Од актуелното раководство на градот Скопје велат дека нема доволно приливи за локалната самоуправа за остварување на покрупни инфраструктурни проекти. Љупчо Пандиловски од управата на градот вели дека се' уште не се променети законските регулативи според кој 0,02 проценти од Данокот на додадена вредност и 0,03 отсто од персоналниот данок се издвојуваат за проектите на локалната самоуправа:

„Минимални и минорни се поместувањата во овие изминати години од започнувањето на процесот на децентрализација. Практично може да се каже дека тешко ги задоволуваат потребите на локалните самоуправи.“

Пандиловски додава дека за покрупни инфраструктурни проекти потребни се повеќе пари, милионски суми во евра кои за сега не се влеваат во касата на централната самоуправа.
Кандидатите за градоначалник на главниот град најавуваат реформи. Кандидатот од опозицијата Тито Петковски вели дека реформите се неопходни, и за повеќе приливи и за решавање на проблемите со градежното земјиште:

„Овластувањата кои што сега се концентрирани особено во сверата на фискалната децентрализација, тие апсолутно треба да се пренесат на општинско ниво, односно на градско ниво.“

Кандидатот на владеачката ВМРО - ДПМНЕ Коце Трајановски вели дека и како претседател на ЗЕЛС се залагал за поголем дел од персоналниот данок за локалната самоуправа, што според него е неопходно за реализација на проектите.

„Нема доволно приливи и тоа е јасно засега, не е ништо ново. Значи ние бараме повеќе и поголеми извори на средства. Ќе бараме од 3 на 6% да се зголеми ДДВ-то, бараме откако ќе се решат проблемите со имотната состојба на земјиштето, тоа да биде префрлено на општините.“

Дел од граѓаните се надеваат дека идниот градоначалник на Скопје ќе успее со реализација на ветеното во предизборната кампања. Други пак се скептични:

„Незнам, се сомневам дека ќе го направат сето тоа, нешто од тоа ќе направат, ама дека ќе исполнат се она што ветуваат сигурно не.„

,,Не, затоа што нема да ги остварат, многу се нереални ветувањата.“

Инаку во предизборните програми на кандидатите за градоначалник на Скопје се наведени планови за обнова на канализациската мрежа, изградба на улици и мостови.
XS
SM
MD
LG