Достапни линкови

logo-print

Ќе се наруши ли изгледот на Охрид?


Урбанистичкиот план кој предвидува нова урбанизација на стариот дел на Охрид. Во јавноста жестоки дебати дали со новиот план ќе се наруши изгледот на Охрид?

Нацрт деталниот урбанистички план за првата урбана единица во старото јадро на Охрид ќе се врати на дообработка, а процедурата за негово донесување ќе запре. Ова го побараа дел од жителите на Варош-стариот дел на Охрид, а тоа го вети Охридскиот градоначалник Александар Петрески, на средбата што тие ја имаа во општината, каде граѓаните ги изнесоа нивните мислења и забелешки за планот, со кој по повеќе години се предвидува нова урбанизација на стариот Охридски рид, каде има најголем број културно-историски споменици и препознатлива староградска Охридска архитектура .

„Случувањата во урбанизмот на Охрид несомнено ја наметнуваат потребата од донесување посебен Закон за Охрид со кој ќе се уредат прецизно сите проблеми од урбанистичката сфера во Охрид и нема да се дозволи како што беше случај во минатото, да биде под знак прашање доведен статусот на Охрид во УНЕСКО и со тоа урбанистите или сопствениците на градежните фирми да ги заплашуваат градот и граѓаните.“

Вели жител на Охрид. Повеќето од граѓаните сметаат дека планот не е зрел за реализација и дека не се консултирани релевентните органи при неговото изготвување. За судбината на планот сепак ќе одлучува новиот совет на општината.

„Донесувањето на овој план, доколку се донесе ваков каков што е, е најголемата катастрофа која што може да му се случи на Охрид . Не постои локација во овој план каде нема нема некоја интервенција, дали надградба или доградба, а знаеме дека овој простор речиси го постигнал својот урбанистички максимум.“

Вели Тања Паскали Бунташеска, директорка на Заводот и музеј Охрид, која тврди дека нивните мислења и насоки не биле почитувани од изготвувачот на планот "Полог Проект" од Гостивар и алармира дека со ваков план Охрид сигурно ќе отпадне од листата на светско културно налседство под заштита на Унеско. Од секторот за урбанизам во локалната самоуправа пак убедуваат дека постапката за носење на планот ќе биде транспаретна и достапна на увид на надлежните институции и граѓаните.

„Нема да биде во некоја скриена форма планот, па тој да се донесе. Ќе биде јавно и сите ќе бидат запознаени.“

Вели Бранко Арнаудов, раководител на секторот за урбанизам во општина Охрид. Останува да се види каков епилог ќе добие новиот ДУП за првата урбана единица во стариот Охрид, со кој се предвивува нова урбанизација на простор од 42 хектари околу Античкиот театар, Плаошник и Самоиловата тврдина.
XS
SM
MD
LG