Достапни линкови

Протести во Пакистан и стравувања за влошување на ситуацијата?


Протести во Пакистан
Протести во Пакистан
Анти-владините демонстранти се судрија со полицијата во текот на протестите во пакистанскиот град Лахоре, зголемувајќи ја загриженоста околу можно влошување на ситуацијата во Пакистан. Повеќе стотици демонстранти, вклучувајќи ги адвокатите од оваа земја фрлале камења кон полициските службеници, на што полицијата одговорила со употреба на солзавец, јавуваат агенциите. Утринава властите во Пакистан му одредија притвор на поранешниот пакистански премиер и опозиционен лидер Наваз Шариф, за да го спречат во намерата за предводење на протестите. Но, тој ја отфрли наредбата од полицијата и ги повика приврзаниците насобрани пред неговата куќа во Лахоре на протести, оценувајќи дека притворот што му е изречен е неморален, нелегален и противуставен. Каваја Саад Рафик, член на партијата на Шариф изјави:

„Доколку се обидат да ги спречат луѓето на нивниот пат, тогаш тие ќе ги урнат бариерите и ќе пружат отпор.“

Властите во Пакистан утринава освен до Шариф, домашен притвор одредија и за неговиот брат, како и за неколку други лидери на опозицијата. Полицијата во Пакистан изминатава недела уапси стотици опозициони активисти и адвокати, кои организираат протести барајќи независно судство. Демонстрациите започнаа уште во четвртокот, а според најавите треба да кулминираат со собирање пред парламентот во Исламабад.
XS
SM
MD
LG