Достапни линкови

Борба со хулиганите на спортските терени


Градски стадион

Градски стадион

Македонија нема посериозни проблеми со хулиганството и со насилството на спортските терени, но сите признаваат дека ова зло е присутно и кај нас. За среќа, вон теренот и по натпреварите, но последиците и опасноста од негова радикализација, бараат соодветен план за борба против него. Такво нешто, неодамна направија во спортот кој е најподложен на оваа појава - фудбалот, со изработка на национална Стратегија за спречување на насилството на фудбалските стадиони. За нејзина реализација, од Фудбалската федерација на Македонија најавуваат соработка со сите надлежни државни институции, но и со искрените симпатизери на клубовите, зад кои се кријат хулиганите.

„Тука е голема разлика што значи навивачи, а што хулиганство меѓу навивачите. Вистинските навивачи тоа не го прават, туку го прави мала група хулигани коишто сакаат да се наметнат врз мнозинството.“

изјави генералниот секретар на ФФМ, Никола Костов.

Според него, на патот на ова зло може да му се застане само со ригорозни казни, па и со доживотно лишување од слобода. За такво нешто, идеален е англискиот модел за борба со хулиганите, со кој насилниците се изведуваат пред суд за 48 часа и добиваат казни без можност за спогодба. Кај нас спогодбата е дозволена, па затоа во Македонија нема осудени лица за насилство на спортските терени и не функционира Законот за негово спречување, донесен уште пред 4 години, а за кој не се знае ниту дека постои. Од фудбалската федерација имаат намера да го променат ова, за што во најскоро време планираат:

„Серија на разговори, состаноци, едукативни, вклучувајќи ги сите субјекти. Сметам дека широка акција со дополнување на законските решенија ќе вроди со плод, бидејќи имаме најширока поддршка од надлежните државни институции,“

додава Костов.

Сепак, тој подвлекува дека ФФМ не може сама да го спроведе сето ова. Затоа.:

„Доколку сакаме да се надмине ова спортско или општествено зло мора стриктно да ги почитуваме законските обврски, за доброто на спортот.“

Истакна на крајот првиот оперативец во македонската куќа на фудбалот, од каде, заради стекнување доверба од надлежните институции, ветуваат ригорозни казни за фудбалските работници кои неретко се иницијатори на инциденти на стадионите.
XS
SM
MD
LG