Достапни линкови

logo-print

Имер Селмани, претседателски кандидат на Нова Демократија


Имер Селмани

Имер Селмани

Господине Селмани, од каде впечатокот дека Македонија е зрела за свој Обама?

Повеќето индикатори што можат да се заокружуваат. Покажуваме висок степен демократска зрелост. Граѓаните на Република Македонија после 18 години демократски натпревари на идеи, некогаш помалку, некогаш повеќе националистички, некогаш повеќе граѓански, мислам дека веќе знаат да ценат која е идејата, концепт и визија за нашата држава да ја направи пријатно место за живеење. Ако цениме по фактот дека граѓаните на Република Македонија, не само Албанците, туку и Турците, Власите, Ромите, Бошњаците и еден добар на Македонците ја поддржуваат јавно кандидатурата на Имер Селмани, ништо ниту надвор од демократските процеси, ниту пак различно од она што се случи во САД, таму да победи на претседателските избори еден афро американец. Ако го имаме предвид фактот дека до пред 50 години таму имаше големи расни разлики. Во еден ист автобус не можеа да патуваат децата афро американци и белците. Не можеа да јадат во ист ресторан или училиште. Кај нас тоа сме го немале во бившиот систем, а го немаме ниту сега. Така што очекувам дека демократската зрелост е таа што ги нуди овие феномени што сакаме да ги идентификуваме и коишто во јавноста се поистоветуваат со изборот на господинот Барак Обама за претседател на САД.

Добро, но мора да се согласите дека во Македоија сеуште постои етничка недоверба?


Од каде го заклучувате тоа?

Па имавме неодамна воведување етнички смени во Струга.

Етничките смени се еден од најлошите примери што можат да и се случат на државата. Јас колку што паметам, токму Албанците од целата држава беа тие коишто беа против етничките смени. За жал, еден дел од Македонците посакуваа етнички смени. И тука се поставува прашање кој ја сака повеќе државата Република Македонија? Јас мислам дека на етничките смени во Струга некој сака само да си поентира. За жал, сеуште не сме научиле од блиската историја дека не смее да си играме со националните или етничките чувства. Дека треба да учиме од она што ни се случило пред десет години или седум осум години. И дека таквите луѓе, со таквите идеи треба да бидат маргинализирани од самото општество.

Добро, но и самите партии на Албанците, барем во досегашните програми и настапи беа фокусирани на етничките прашања. Сметате дека вие го имате надминато тоа?

Не треба така да се сфати дека ние одеднаш станавме граѓанска држава и дека сме една нација. Ние сме различни етнички заедници во Република Македонија. Ние сме неколку верски заедници во Република Македонија и имаме различни културни специфики. Значи, со овој диверситет на култури, етникуми треба Република Македонија да живее, не да се навикне да живее, туку треба да живее, почитувајќи ги разликите. Почитувајќи ја и ромската и турската и албанската и македонската заедница. Мислам дека политичар со таков профил, кога ќе биде на врвна функција е политичар којшто знае да ги обедини, а не да ги дели граѓаните. Потсетувам, етничките прашања се чувствителни. Никој не смеее и нема право со нив да го злоупотребува, а второ да си игра.

Сакав да речам дека во нивните програми многу малку имаше место за државните прашања на сметка на етничките?

Јас се согласувам дека во минатото имаше политички партии и тие сеуште се актуелни и функционираат и кај Македонците и кај Албанците коишто пред се ја употребуваа националната карта. Меѓутоа, ние не смееме со такви карти ниту да помислиме дека можеме да бидеме дел од Европа и НАТО. Со такви карти можеме само уште 18 години да бидеме уште посиромашни, уште поеќе да стекнеме непријатели и да ја довеме иднината на државата во прашање, а со тоа и иднината на нашите деца.

Кој би бил вашиот придонес во решавањето на спорот за името кој е пречка за евро интеграциите на земјава?

Значи, околу името на Република Македонија, како прво, јас би преговарал за да се договорам. Не би преговарал, само за да преговарам, па кога ќе ми помине мандатот да дојде некој друг да го реши спорот. Значи, сето тоа вака како што до сега се одвиваше минатите 15 години, 13 години, добивам чувство како граѓанин, дека се преговара само да се преговара, а никако да се договориме. Како втора работа не треба да се доведе во заблуда јавноста, значи мораме да водиме транспарентна политика, мораме на јавноста да и кажеме што е тоа за што се преговара, дали преговараме за името, дали преговараме за идентитетот. Јас сум пратеник, бев министер, вице премиер, градоначалник. Јас не знам за што се преговара. Слушаме дека се преговара за името, меѓутоа секогаш веднаш следната реченица е идентитетот. Јас сум длабоко убеден дека никој не смее и не може да зборува за идентитетот, затоа што тоа е нешто што се креира и ствара со векови. Тоа е чувство, буквално тоа е чувство. Не е нешто што може да се смени со административна мерка. Додека ако преговараме за името на Република Македонија и ако некои политичари пред самитот во Букурешт се договориле за некое име, па сега јавноста дознава преку дебатите, митинзите, кога актерите што се договориле почнуваат да покажат дека некој прифатил вакво или такво решение. Крајна нетранспарентност во водењето на преговорите. Значи, јас би бил транспарентен. Би преговарал да се договарам, би ги вклучил сите чинители и од опозицијата и позицијата. И би инсистирал на решение. Јас сум убеден дека при состојба кога имаме добри сојузници, кога треба тие сојузници уште повеќе да ги доближиме до нас. Да им дадеме надеж дека и ние сакаме да се избориме за решение за спорот. А, не тие сојузници перманентно да не охрабруваат, а ние секогаш да се блокираме или барикадираме во нашите ровови. Јас мислам дека прифатливо решение за граѓаните на Република Македонија може да се најде.

Ќе успееме ли според вас да одржиме фер и демократски избори?

Една од причините поради којашто се роди Демокрација Ере пред пет месеци беше буквално згрозеноста од она што го гледавме изминатите години, особено последната 2008 година. Нас не ни се потребни само заради меѓународните стандарди фер и демократски избори. Фер и демократски избори нас ни се неопходни заради самите себе си. Ако сме избрале модел плуралистички, каде што партиите се натпреваруваат, личностите и кандидатите се натпреваруваат и ако сите ние не даваме придонес граѓанинот слободно и без страв да излезе и се изјасни ние го правиме најлошото можно за нашата држава, иднина и деца. Ако сакаме да го вратиме комунистичкиот систем, кога имало избори, ама никој не знаел дека има избори, мислам дека политичките партии го креираат амбиентот. Јас работам максимално позитивно да креирам амбиент, ако има било какви недоразбирања на терен, меѓу активисти, да ги надминеме, да не им дадеме можност и право да се зголемат ситните проблеми. Работиме на тоа интензивно. И во таа насока им даваме полна можност на институциите на државата, според уставот, законот, секаде каде што гледаат дека некој се труди да ги попречува не само изборите, туку демократскиот процес да го попречува, треба да се соочи со законот и сето она што значи последица по тоа. Јас во моментов сум доволно оптимист дека ќе имаме добри и фер избори. Гледајќи по тоа како се одвива кампањата. Имаме една пристојна и модерна кампања. Тука морам да ги пофалам сите политички партии дека максимално се трудат тоа да го направат.
XS
SM
MD
LG