Достапни линкови

Нова Железна завеса во Европа?


ЕУ во Брисел:Барозо, Тополанек
ЕУ во Брисел:Барозо, Тополанек

Чешкото претседателство на Европската унија ги обвини медиумите дека со нивните написи ја влошуваат економската криза и ја доведуваат под прашалник иднината на Унијата. Говорејќи по вчерашниот вонреден самит што самиот го свика, чешкиот премиер Мирек Тополанек им изјави на новинарите дека економската катастрофа и европското несогласување се дел од виртуелна дебата, креирана од медиумите и оти тие немаат врска со реалноста.


Криза? Каква криза?, беше одговорот на чешкиот премиер Мирек Тополанек на крајот од брзиот самит на Европската унија, очигледно свикан поради влошувањето на економските тешкотии во Унијата. Тополанек оцени дека извештаите за распад во Европската унија и претскажувањата за економска катастрофа се медиумски преувеличени. Според него, во Унијата постои универзална согласност дека владите ќе ги почитуваат европските правила во зачувувањето на финансиската дисциплина и ќе се воздржат од протекционистички мерки за заштита на нивните пазари. Притоа, Тополанек ги отфрли известувањата за страшната економска ситуација во источна Европа, наведувајќи дека таму има значаен прогрес и добра перспектива за натамошен одржлив развој. Тоа, по се изгледа, ќе ги разочара повеќето членки од Источна и Централна Европа. Имено, Летонија и Естонија предвидуваат нивните економии годинава да паднат за над десет насто, Унгарија е веќе под јаремот на помошта од Меѓународниот монетарен фонд, а скоро сите регионални валути се под силен притисок. Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо исто така ги олади очекувањата на источните членки на Унијата:

,,Сакам да го нагласам ова. Ние многу внимателно ја следиме ситуацијата, односно еволуцијата на економската и финасиската ситуација на сите наши членки, вклучувајќи ги и оние од средна и источна Европа. Меѓутоа, јасно е дека тие, така барем ни рекоа, не сакаат програма само за нив, бидејќи всушност не постои ни посебна причина за таков третман,,.


Изјави Барозо, изразувајќи надеж дека на следниот формален самит ќе преовладее духот на заедништвото во Унијата:

,,Токму затоа, како што Чешкото претседателство вели во своето мото, ова е Европа без граници. Но, за да ја зачуваме Европа внатре во нејзините границини ни треба Европа со правила, Европа со заеднички принципи и мислам дека така ќе биде и на наредниот самит,,.

Вели Барозо. Како и да е, повеќето од новите членки на Унијата, предводени од Унгарија, Летонија, Романија и Бугарија веќе побараа големи кредити. Другите, како Чешка и Словачка, пак изразија страхување нивните новоотворени фабрики да не се вратат од онаму каде што дојдоа, например Франција. Растат и барањата на оние земји што не се дел од заедничката европска валута за побрзо вклучување во еврозоната. Имено, кај нив постои сомневање дека ќе останат надвор од заедничката фискална политика во која би влегле земјите со евро валута. Всушност, кај некои од нив веќе се зборува за заканата од спуштање на нова Железна завеса, овој пат економска и во рамките на самата Европска унија.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG