Достапни линкови

Стресниот и несигурен живот причина за безнадежност кај граѓаните


Колку луѓе, толку приказни. Секоја различна на свој начин. Ако се прошетате по улиците низ градот ќе сретнете и насмеани, и тажни лица, такви кои бразаат некаде, и такви кои потонале во мисли. Едни кои сакаат да зборуваат и други кои не сакаат со никого да ја споделат својата болка. Повеќето од граѓаните кои ги прашавме велат дека не живеат, туку преживуваат, но и покрај се се чувствуваат како среќни луѓе.

„Среќна ме прави семејството, тоа што ми се живи и здрави децата, внуците.“

„Фамилијарен сум, среќен сум.“

„Јас мислам дека се живее убаво, гледате на секоја секунда автомобили постојано поминуваат, ако не се живее добро ќе го немаше тоа.“


За разлика од оптимистите, оние на кои надежта никогаш не ги напушта, има и такви кои отворено го покажуваат својот бес. Кон општеството, кон политичарите, кон луѓето воопшто.

„Преживуваме без работа, со пензиите наши живеат децата, тоа не е во ред.“

„Ништо од дома до овде и назад. Дома кога седиш кавги, расправии со жената, вака излези, прибери се дома попладне, седни пред телевизор и молчи.“


Некои се сепак среќни што живеат тука. Велат дека најубаво си е дома. Други пак признаваат дека ги фрустрира фактот што не можат да ги посетат своите деца кои живеат во странство поради визните бариери со кои се соочуваме.

„Имам син во странство, неможам да појдам да го видам, не ми даваат виза.“

„Годините го прават своето, прилика тешко дека има човек, да се појде некаде.“

„Немам потреба да одам некаде надвор.“


Според социолозите ваквата позиција на Македонецот во општеството е резултат на еден стресен и несигурен живот. Тоа вели проф. Илија Ацески од Филозовскиот факултет ги прави луѓето безнадежни.

„Не се работи за материјалната вредност, можеби ние живееме подобро или полошо, но безнадежноста е проблем, тоа што тешко гледаме излез од таа ситуација.“

Кога имате грешка во системот, тогаш мала е веројатноста дека луѓето како посединци можат нешто да променат, вели Ацески.

„Можеби оној момент е уште повеќе разочарувачки, кога ќе кажете дека дури и борбеноста на помага. Затоа луѓето креваат раце, едноставно велат ,,што ќе биде нека биде“, а тоа веќе создава фрустрација, создава еден амбиент на несигурност и несреќни луѓе.“

Експертите посочуваат дека среќата е субјективна категорија која не зависи од надворешните фактори, иако не ретко општото незадоволство на мнозинството може да влијае врз расположението на поединците.
XS
SM
MD
LG