Достапни линкови

Намалената потрошувачка негативно ќе влијае на стопанството


Дали да се штеди или да се троши во услови на криза? Докажан тренд е дека во услови на криза се штеди за „поцрни денови“, но намалената потрошувачка може негативно да влијае врз развојот на стопанството, објаснуваат експертите.
Аналитичарот Сем Вакнин вели дека Македонија, како и многу земји се наоѓаат во ситуација на „парадокс на штедење“. Додека стопанствениците се надеваат дека потрошувачката нема да страда, граѓаните ги чуваат парите во банки или под перница.

„Што се однесува до поединците, рационално е да се штеди. Но парадоксот се состои во ова. Како што поединецот се насочува кон штедење, добросостојбата на колективот и добросостојбата на државата градот или заедницата во која живее поединецот страда. Како што се зголемуваат штедните влогови, трошењето се намалува. Како што се намалува потрошувачката се намалува профитабилноста на компаниите, и со тоа се намалува и бројот на нови вработувања, се ограничуваат можностите за откуп на сировини и така натаму.“

Вакнин смета дека македонците се доведени во теснец. Дури и да постои желба за трошење, банкарите го затегаат ременот при издавањето на потрошувачки кредити, а тоа се потврдува и во најновиот извештај на Народната банка. Според истиот, се очекува кредитирањето на населението значително да забави. Во амбиент на воздржаност и тенденција да се избегнува ризикот како и ниска ликвидност, од НБРМ очекуваат дека ќе се намалат инвестициите. Вакнин, пак, смета дека државата може да компензира за намалената потрошувачка моќ на населението:

„Со други зборови, додека граѓаните не конзумираат, Владата може да конзумира. Владата може да инвестира во инфраструктурни проекти, образование, информатички технологии, долгорочни еколошки проекти, проекти на општините и така натаму. Владиното трошење мора да се избалансира со намалените трошоци на граѓаните, посебно во Македонија.“

Од друга страна, екс министерот за економија Стевчо Јакимовски смета дека Владата треба да ги послуша препораките на ММФ и да го растерети Буџетот, а да се посвети кон олеснување на извозот.

„Значи буџетските оптеретувања мора да бидат многу помали, да се растерети стопанството од одредени давачки, како би можело стопанството да земе залет.“

Јакимовски додава дека логично е очекувањето да се зголеми штедењето меѓу граѓаните:

„Тоа е логично, значи ако граѓаните штедат значи има помала потрошувачка штом има помала потрошувачка значи ќе имаме стагнација на стопанството.“

Инаку, се чини дека банките веќе компензираат за намалената понуда на потрошувачки кредити. Од септември 2008 голем дел од банките ги зголемија каматните стапки на штедните влогови.
XS
SM
MD
LG