Достапни линкови

logo-print

Ревизорите утврдиле незаконски трансфери на над 50 илјади евра


Прилепската локална самоуправа без критериуми трансферирала над 50 илјади евра од градската каса на адреса на невладини организации, извршила јавни набавки заобиколувајќи го законот, надвор од законот исплатила надоместоци на советниците, несоодветно ја субвенционирала работата на јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање. Ова се дел од аномалиите, кои финансиските стручњаци од Државниот завод за ревизија ги откриле чешлајќи го финансиското работење на прилепската локална самоуправа во 2007 година. Од секторот за финансии и буџет велат дека ќе ги прифатат препораките и ветуваат годинава ќе работат законски:

,,Распределбата на средствата, транферите ќе се врши според критериуми и по претходно објавен јаве конкурс на кој ќе треба да се пријават невладините организации,"

Вели Драган Ѕвездакоски, раководител на секторот. Според забелешките објавени во извештајот на ревизорите, прилепската локална самоуправа со 40 илјади евра го субвенционирала оперативниот план на јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање, наместо да ја исплаќа секоја завршена задача:

,,Не знам зошто и покрај нашето укажување зошто е оставено како забелешка. Ние имаме оперативен план којшто е обврска за јавното претпријатие и врз база на тоа ги пуштаме субвенциите."

Но, од локалната самоуправа ги демантираат забелешките на ревизорите за незаконска исплата на дневници на советниците. Велат согласно со законот во декември 2007, на советниците им се исплатени над за седници во истата година, паушали на советници од поранешната општина Тополчани и за работа на општински одбори и комисии:

,,Морам да изразам јавно несложување затоа што исплатите од милион 233 илјади денари се однесуваа за исплата на седници на комисии и на советот во претходниот период. Значи, тука не е прекршен законот, и не се работи за присуство на свадби."

Во секторот признаваат дека се направени прекршувања на законот за јавни набавки, но велат сумите се симболични.

Се на се вели раководителот Ѕвездакоски, извештајот на ревизорите само го потврди законското и транспарентно работење на прилепската локална самоуправа и покажа дека парите од граѓаните се трошеле наменски.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG