Достапни линкови

Имплементирањето на заклучоците клучно за фер избори


Според експертите лидерските средби позитивно влијаат врз напорите за спроведување фер избори

Нема да има пресудно значење, но сигурно позитивно ќе влијае врз напорите да спроведеме регуларни избори, го коментираат експертите значењето на средбите на лидерите на најголемите политички партии што се оддржуваат во пресрет на локалните и претседателските избори. Професорот Јетон Шасивари вели дека гледано од аспект на пораката што преку лидерските средби се пренесува до електоратот секако дека таа е позитивна доколку разговорите изминале во конструктивна атмосфера, но според него допрва ќе треба да се види дали станува збор за алиби или донесените заклучоци навистина ќе се имплементираат и ќе имаат влијание во напорите да спроведеме фер избори:


„Ваквите средби на лидерите, носат позитивни пораки до граѓаните. Но треба да се види дали тоа што тие го договорија ќе се имплементира во реалниот живот.“

Смета Професор Шасивари, кој додава дека во државата се покажа дека партиите ја креираат демократската атмосфера, наспроти важноста на институциите, па тука го гледа дополнителното значење на лидерските средби:

„Пораките на лидерите сигурно дека има свој ефект и кај граѓаните, избирачите, но и кај институциите на системот бидејќи за таква демократија станува збор, ние сеуште немаме изградено институционална демократија во која институциите би го имале главниот збор, туку имаме владеење преку партиите.“

И политикологот Владимир Божиновски се согласува дека конструктивната атмосфера која што се постигнува на средбите на лидерите на политичките партии има позитивно влијание врз избирачите, но тој посочува и еден друг аспект – многу важно ќе биде тие и внатре во своите партии да делуваат врз членството за да имаме регуларни избори :

„Значи треба да му се покаже на членството дека важноста на фер и демократски избори, односно мирни избори, во случајов е многу побитна отколку да се победи.“



Лидерите на вчерашната средба дискутираа и донесоа одредени заклучоци за спроведувањето на гласањето на денот на изборите, Државната изборна комисија за нивното имплементирање допрва ќе дискутира:

„Претседателот на ДИК ќе ги информира членовите на комисијата во врска со ова прашање и ќе биде заземен став.“

Вели портпаролот на ДИК Зоран Таневски. За претстојниот викенд е најавена уште една средба на лидерите за допрецизирање на отворените прашања, пред официјалниот старт на изборната кампања.
XS
SM
MD
LG