Достапни линкови

logo-print

Во изборен цисклус меѓуетничките односи секогаш се на тест


Експертската јавност со оценка, и покрај предизвиците со кои се соочуваме состојбата на меѓуетнички план засега е добра

Меѓуетничките односи во земјава, повторно на тест по случувањата деновиве во Струга, но и во пресрет на изборите? Можноста за воведување етнички смени меѓу македонските и албанските ученици, ја отворија дебатата: Дали се поткопува Рамковниот Договор, чиј еден од главните принципи е моделот на градење на мултиетнички соживот во Македонија... Потоа може ли случувањата во Струга да претставуваат вовед во една подлабока поделба на општеството? Следуваат и изборите, а тензиите со притисокот поради потребата тие да поминат во најдобар ред и без насилства, се зголемуваат.

Експертската јавност на почетокот со оценка, и покрај предизвиците со кои се соочуваме состојбата на меѓуетнички план засега е добра. Последните случувања имаат одредено влијание, но во моментов не претставуваат закана за меѓуетнипчките односи, смета професорот Мирјана Малевска од Универзитетот на Југоисточна Европа која додава:

„Она што сега се случува е нешто што излегува надвор, се прелева на улици тој конфликт, се претвара во непријателство, физички пресметки итн. Но, проблемите на национално ниво, сепак како што гледате се решаваат во институциите на власта, во Собранието, преку една коалициона влада, така што мислам дека добро се движиме.“

Но, стручната јавност предупредува на можни последици на подолгоречен план и со длабока осуда на обидите преку етничка поделба да се решат проблемите. Ги уриваме приниципите за мултиетничка средина на кои одлучивме да го градиме општеството преку Рамковниот договор, вели професорот Звонимир Јанкуловски:
„И целиот образовен процес всушност преку случајот во Струга, паѓа, се руши, концептот на мултиетничкиот живот во Македонија и она што значи концепт на толеранција и меѓусебно почитување.“



„И целиот образовен процес всушност преку случајот во Струга, паѓа, се руши, концептот на мултиетничкиот живот во Македонија и она што значи концепт на толеранција и меѓусебно почитување.“

Отварање на Пандорината кутија е предупредувањето кое го испраќа и аналитичарот Алберт Муслиу. Повикува на внимателност поради можноста низ последниот актуелен пример, македонското општество да се придвижи кон сегрегација.

„Со потенцирањето на тие етнички разлики се појавуваат и тензиите. Бидејќи различноста ако не се прифати како придобивка, таа генерира тензии. Значи тоа не се постапки кои би не охрабриле дека навистина се движиме кон некакво европско општество, кое ги прифаќа различностите и живее со различностите.“

Смета Муслиу.
За стручната јавност, од време на време изминативе години ,,тлеењето“ па ,,избувнувањето“ на односите на меѓуетнички план, јасно укажува на тоа дека тие се во заложништво на политиката. Во пресрет на изборите, дополнително меѓуетничките односи се на тест, поради зголемениот притисок изборниот циклус да помине во најдобар ред и без инциденти што се чини уште повеќе ги подгрева тензиите.

„Некој неодговорни би рекол, политички чинители не бегаат од тоа да се служат и со учениците да манипулираат за одредени подолгорочни или пократкорочни цели во одредена политика, која што е во согласност со некои екстремни гледања. На некој начин како да сакаат да ,,подбуцнуваат“ состојби кои што предизвикуваат кризи.“

вели аналитичарот Хисен Рамадани. Оттука поради недостатокот од креативност, бегање од неуспесите да се подобри економскиот живот на граѓаните, а секако и за партиски придобивки, политичарите пред избори прибегнуваат кон една многу чувствителна тема без да размислат за последиците – меѓунационалните односи, додава Муслиу:


„Основниот проблем е во недостигнатата цел на граѓаните. Политичарите ги гледаат сите активности како легитимни за да постигнат некоја цел, а цел на политичките партии е да добијат на избори. Доколку тие генерираат некои меѓуетнички тензии, албанците ќе им се приклонат на албанските гласачи и ќе им продаваат етнопатриотизам, истиот случај ќе биде и со македонците и ќе ги добијат гласовите многу полесно отколку да ги убедуваат гласачите како ќе ги извлечат од економската криза.“

Обид за креирање на нови проблеми, за заташкување на неуспесите, вака и професор Малевска го објаснува актулизирањето на темата за односите меѓу етничките заедници во земјава:

„Тоа е просто една инструментализација на малцинските барања за потребите на изборите. Се чини, барем тие така мислат, дека со тоа ќе привлечат повеќе гласови.“

Во целата атмосфера на подгревање на ситуацијата не ни оди во прилог ниту статус кво состојбата околу нашето интегрирање во НАТО и Европската Унија. Мегународната изолација на Македонија, за која се почесто се зборува во јавноста уште помалку бара креирање проблеми на етничка основа, предупредува стручната јавност. Професорот Јанкуловски, потсетува и на посебна внимателност поради целиот регионален контекст:

„Меѓутоа сепак постојат структури кои сеуште се надеваат дека можат да искористат една ваква ситуација и дека пролонгирањето на овој процес или неговото одложување им оди во корист за повторно да ги разбудат оние ,,сеништа“ на минатото и она што се обидуваме да го надминеме преку градењето на мултиетничко општество, затоа што опасноста може многу брзо да се мултиплицира на еден поширок регион.“
Macedonia - Health Minister Bujar Osmani, Skopje, 15Feb2009


Тука е и притисокот кој што доаѓа од албанската етничка заедница, која несака да биде заложник на проблемот со името што се смета за главна кочница за македонската интеграција во меѓународните институции:

„Точно е тоа дека поголем процент на албанците се со настојување што побрзо Македонија да се интегрира во тие евроатлантски структури и познато е дека во последно време покажуваат некои знаци на нервоза поради одложувањето на тие процеси. Меѓутоа исто така сметам дека и македонците немаат друга алтернатива, се надевам дека тоа на сите им е јасно.“

„На некој начин да се разбие изолацијата на Македонија за да евентуално тргнеме во друга насока. Ако тоа не се случи, ако не претекнат настаните, проблемите, тогаш навистина може да се очекуваат големи и меѓуетнички проблеми и навистина албанската заедница во некоја далечна перспектива да побара некое друго решение за себе, но се надевам дека тоа нема да се случи.“


изјавуваат Рамадани и Малевска. За стручната јавност неможе уште повеќе преку поткопувањето на Рамковниот договор што е еден од темелите врз кои се ,,градат,, македонските аспирации за членство во Европската Унија, да се продолжи на тој пат. А при последното истражување на јавното мислење, спроведено од Институтот за демократија, повеќе од 60 отсто од граѓаните одговориле дека мегуетничките односи во државата се добри, а околу 40 проценти од нив изразиле очекување дека годинава тие ќе бидат и подобрени. Дури 81 проценти од испитаниците одговорите дека не се соочиле со проблем од етничка природа, а 60 отсто се чувствуваат рамноправни во однос на другите етнички заедници:

„Генерално во Република Македонија меѓуетничките односи најголем број од граѓаните ги оценуваат како добри или многу добри. Повеќе од 70% на локално ниво и повеќе од 60% на државно ниво, само мал дел од граѓаните одговориле како лоши. Од аспект на влијанието на институциите врз меѓуетничките односи, граѓаните оцениле дека институциите на невладиниот сектор, меѓународните организации, верските институциите влијаат позитивно, за разлика од политичките партии, владата, судството, полицијата се перцепирани како институции кои негативно влијаат врз меѓуетничките односи.“

Вели Владимир Мисев од Институтот за демократија. Граѓаните, чие мислење е сублимирано во ова истражување, објавено неодамна, сметаат дека за подобрување на мегуетничките односи најрелевантно е образованието, а целосното имплементриање на Рамковниот договор ќе ја стабилизира државата и ќе ја забрза интеграцијата кон Европската Унија и НАТО.
XS
SM
MD
LG