Достапни линкови

logo-print

Битолска Пиварница на продажба, работниците бараат смена на управникот


Осум години по продажбата на битолската Пиварница на турски бизнисмени, државата повторно бара нов газда кој ќе стопанисува со фабриката. Новиот сопственик ќе треба да плати над 4 милиони евра. Затворените понуди ќе се рагледуваат во март во Основниот суд во Битола.

Пиварницата во стечај отиде пред четири месеци заради големи долгови, пред се кон Управата за јавни приходи, но и поради отсуството на турските газди, кои заради затајување данок полицијата ги бараше со потерница.

Ваквиот сплет на околности без работа остави 200 битолчани. Тие сега бараат промена на стечајниот управник Владо Талевски, сакајќи со новиот да се договорат идниот газда да ги врати на работа.

,,Работниците бараат да им се исплати уште една плата зашто се продаде целото пиво и сокови што беа произведени. Уште една плата не е исплатена. Нашите барања се да се промени стечајниот управник, да се постави друг за да остани фабриката во кондиција. Така може да се добие повисока продажна цена и да се издејствува на работа да се вратат сите работници кои порано работеа во Пиварницата”,

изјави Цветан Петревски, претседател на синдикалната организација.

Тој вели дека желба на стечајците е да остане фабриката во онаква состојба како што ја оставиле пред да одат во стечај.

,,Ништо да не фали ни од машините, ни од капиталот што го оставивме таму бидејќи ако почне да се кради ќе помини како Битола Текс или Жито Битола. Нема да дозволиме да се искради фабриката. Предлагаме да се направат пописни комисии, да се направи попис што оставивме во фабриката, а што е сега останато”,

додава Петревски.

Со продажбата на Пивраницата пропадна планот на турскиот газда Ахмет Искендер за рестарстирање на фабриката. Тој на доверителите им понуди дисконт од 60 проценти за побарувањата, а остатокот да го исплати за шест години.

Летото, минатата година, против раководството на Пиварницата полицијата поднесе кривични пријави за затајување данок. Но, потоа потерницата беше укината, а на газдите им се дозволи да се вратат во Македонија да бидат сослушани во рамки на истрагата поведена за финансиското работење во фабриката.
  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG