Достапни линкови

Колку македонските потрошувачи се заштитени?


Млеко со изминат рок, непочитување на гаранција за телевизор, високи сметки за парно и интернет, манипулација со реклами се само дел од проблемите кои граѓаните ги пријавуваат до организацијата за заштита на потрошувачи.

Луѓето велат дека се внимателни при пазарењето и при склучувањето договори, но сепак се случува да купат нешто со изминат рок.

,,Гледам прво рок на употреба особено на производите во акција"
,,Ми се случило расипано млеко, но ништо не сум презел."


Граѓаните знаат дека нивните права како потрошувачи се загарантирани и со закон, но не се многу информирани каде и како можат да си ги остварат своите права.
Организацијата за заштита на потрошувачите како дел од невладиниот сектор работи на едукација на потрошувачите и нуди совети. Од таму велат дека во последно време се намалени поплаките кои се однесуваат на неисправна храна а тежиштето е префрлено на жалбите кои луѓето ги имаат за јавните услуги:

,,Луѓето си ги запознаваат правата како потрошувачи, но стои моментот на нашиот менталитет. Не секој е спремен да реагира. Мислам дека сеуште постои недоверба во институциите,"

објаснува Татјана Тасевска од организацијата на потрошувачи.

За заштита на правата на потрошувачите се грижат и инспекциските органи во зависност од тоа за каков производ станува збор.. Тие можат да реагираат на повик од граѓани а непаравилности можат да откријат и при редовните инспекции.

,,Да му се укаже на трговецот со записник, после следува решение, управна мерка, а имаме и мандатна казна,"

објаснуваат од пазарната инспекција.

Заштитата на потрошувачите претставува една од важните компоненти на економскиот развој. Минатата година повеќе од 4000 граѓани се пожалиле дека им биле нарушени правата како потрошувачи, близу 70 проценти од случаите се решени во корист на потрошувачите.
XS
SM
MD
LG