Достапни линкови

За власта нема потреба од носење измени на деловникот, бидејќи сегашниот се покажал како добар


Задолжително присуство на премиерот на седниците на кои се посатвуваат пратенички прашања, најмалку една точка на дневниот ред да биде по предлог на опозицијата, интерпелацијата да трае најмалку 24 часа, а не еден работен ден како досега, зголемување на времетраењето на говорот на пратеникот од 10 на 20 минути. Ова се само дел од бројните забелешки на опозицијата во однос на новиот деловник за работа во Собранието.

„Ако се има во предвид досегашната примена на деловникот, се гледа дека над 90% од законите се донесуваат по скратена постапка, што значи дека отсустува општиот претрес по законите, што не е дозволиво за парламентарна демократија.“

Изјави координаторот на пратеничката група на СДСМ, Цветанка Иванова, според која новиот деловник целосно ја изместува улогата и позицијата на македонскиот пратеник. Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ велат дека забележките на опозицијата се неосновани и дека новиот деловник ја подобрил ефикасноста на Собранието и покажал добри резултати.

„Новиот деловник ја модерниза и осовременува работата на македонското Собрание. Законите сега се носат многу побрзо, но притоа не им е оневозможено на сите пратеници да се изјаснат во однос на секој предлог кој што стигнува и да дадат свои забелешки преточени во амандамани.“

Изјави Александар Спасеновски од ВМРО-ДПМНЕ. Од Демократската Унија за интеграција пак се со став дека новиот деловник треба да претрпи одредени изнмени. Некои од измените кои ги предлагаат Социјалдемократите се добри, вели Рафиз Алити од ДУИ. Но, според оваа партија не е добро времето во кое се инсистира на донесување на измените и дополнувањата.

„За било какви измени понатаму ќе треба да се прави тоа со општ консензус меѓу сите пратеничките групи. Во овој момент ова што се предлага од СДСМ за нас е неприфатливо бидејќи се предлага токму пред изборите.“

Вели Алити.
Токму предлогот на Социјалдемократскиот сојуз за измени и дополнувања на деловникот, пред неколку дена беше отфрлен на комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања. Опозицијата признава дека нивните очекувања дека нешто ќе се промени на денешната собраниска седница се невозможни:

„Очигледно е дека парламентарното мнозинство не е подготвено за измени на деловникот и тешко дека ќе биде прифатено.“

Рече Иванова.
XS
SM
MD
LG