Достапни линкови

Потребна маркетинг стратегија за позиционирање и конкурентност


Дел од македонските производи можат да бидат конкурентни на странските пазарии во услови на светска економска криза, се согласуваат експертите и производителите. Додека експертите посочуваат дека македонските производители можат да се борат за пласман и со пониски цени и со соодветна маркетинг стратегија, производителите посочуваат дека не сакаат да прогласат војна на цените.

Маркетинг консултантот Синиша Пекевски вели дека за домашните производи странските пазари не се комплетно затворени поради кризата, доколку македонските производи се брендираат.

„Сметам дека македонските компании треба малку повеќе да посветат внимание на тоа како треба да се позиционираат на странските пазари со оглед на тоа која е нивната цел на странските пазари. Сметам дека поради тоа што цената на трудот и суровините во Македонија е пониска во однос на другите западноевропски пазари, сметам дека во тој поглем може да настапиме на странските пазари.“

Пекевски предупредува дека од друга страна, промоција на многу ефтини производи во странство може да предизвика проблеми

„Ние треба да се позиционираме како квалитетни производи и цената да се адаптира на квалитетот кој се нуди. Доколку се позиционираме како квалитетни производи со ефтина цена, потрошувачите можат погрешно да не разберат и да го перцепираат нашиот производ како обичен.“

Од дел од македонските компании посочуваат дека нивната стратегија нема да биде фокусирана на цените. Директорот на „Тиквеш“, Ѓорѓи Петрушев вели дека секој странски пазар бара различна стратегија.

„Воопшто не ни е идеата да одиме во ценовна војна бидејки однапред е изгубена. Нема шанси. Идеата е да се промовираат најдобрите искуства од пристапот до пазарот и дистрибуцијата и да се промовира дека постои некоја земја македонија која произведува вина со квалитет кој до сега не бил познат и не бил откриен а дека треба да се открие.“

Петрушев додава дека македонските брендови полесно би се пробиле на соседните пазари поради нивната препознатливост. Предизвик, според него, би било промоција и дистрибуција на производите во странство

„Сега ги почнуваме напорите во Германија. Темата ни е дека Македонија не е наливното вино што тие го знаат.“

Инаку светската финансиска криза веќе се одразува во реалната економија во земјава. Додека дел од македонските компании затвораат погони поради намалениот извоз, прилиливите од царината во месец декември се намалија. Во последното тромесечие од минатата година приливот од царинските наплати во Буџетот е намален за три отсто.
XS
SM
MD
LG