Достапни линкови

logo-print

И покрај анкетите и договорот меѓу владините коалициони партнери, сите партии веруваат во успех


Без разлика на рејтингот или пак на меѓусебните партиски договори, речиси сите партии кои ќе учествуваат во претседателската трка веруваат во успех на својот кандидат. Во корист на владеачката партија пак се анкетите кои барем според објавеното покажуваат нејзин висок рејтинг. Веќе извесно се зборува и за поддршка од коалициониот партнер ДУИ во вториот круг, но сепак во ВМРО ДПМНЕ велат дека на претстојните претседателски избори, програмата со која ќе се претстави нивниот кандидат Ѓорѓе Иванов ќе им биде главен адут:

„ВМРО ДПМНЕ на двата последни изборни циклуси понуди многу прецизни програми за разлика од било која друга политичка партија и во досегашната активност како власта, ВМРО ДПМНЕ ги има спроведено токму онака како што ги вети.“

Вели Илија Димовски од ВМРО ДПМНЕ. Опозиционата СДСМ пак не верува во објавените анкети кои покажуваат висок рејтинг за владеачката партија. Исто така не ги обесхрабрува ниту евентуалниот договорот меѓу ВМРО ДПМНЕ и ДУИ. Во Социјалдемократскиот сојуз сметаат дека се во предност со тоа што, како што велат, имаат далеку подобар кандидат од владечката ВМРО ДПМНЕ и на тој начин ќе им се обратат на граѓаните:

„Со исклучително позитивна кампања ќе се обидиме да ги искористиме сите можности на водење на кампања и на максимална промоција и на кандидатот, како и на политиките кои што сакаме да ги потврдиме, а пред се тоа се политиките за интеграција на нашата држава во НАТО и ЕУ.“

Изјавува в.д. претседателот на СДСМ Зоран Заев. Што можат да очекуваат пак кандидатите на помалите политички партии, наспроти големите гласачки машинерии со кои располагаат поголемите политички субјекти? ЛДП која на изборите ќе излезе со професорот Нано Ружин, со свои пресметки:

„Единствен кој што имаше висок рејтинг, не е во оваа трка за избор на претседател на државата, а тоа е г-динот Срѓан Керим, така што сите останати имаат подеднакви шанси.“

вели Роза Топузовска Каровска од оваа партија. Со свои кандидати излегоа и албанските партии. Во Нова Демократија која на претседателските избори ќе учествува со лидерот на партијата Имер Селмани велат дека намерата не им е само да се одмерат силите со конкурентите од останатите партии од албанскиот блок, туку пресудна е личноста на нивниот кандидат и на тој начин ќе му се обратат на електоратот:

„Граѓаните веќе имаат друг пристап кон изборите, не само претседателски туку кон сите избори и сметам дека нивниот пристап се менува.“

Посочува Сулејман Рушити од Нова Демократија.
XS
SM
MD
LG