Достапни линкови

Главни теми ќе бидат безбедносните ризици и предизвиците со кои се соочува Европа и иднината на НАТО


Безбедносните ризици и предизвиците со кои се соочува Европа, неширење на оружјето за масовно уништување, како и иднината на НАТО, се меѓу главните теми на Четириесет и петтата Безбедносна конференција што до осми овој месец се одржува во Минхен. На Конференцијата на која се разменуваат мислења за главните насоки во креирањето на глобалната безбедносна политика учествуваат премиерот Никола Груевски и министерот за надворешни работи Антонио Милошоски.

Оваа година Минхенска безбедносна конференција се претставува како најважен годишен форум на меѓународните фактори во областа на надворешната и безбедносната политика, вели домаќинот на конференцијата амбасадорот Волфганг Ишингер кој оценува дека тоа го потврдува и учеството на голем број шефови на држави или влади, меѓу кои, францускиот претседател Никола Саркози, полскиот премиер Доналд Таск и германскиот канцелар Ангела Меркел. Притоа Ишингер посебно ја акцентира партиципацијата на новиот американски потпретседател Џозеф Бајден:

Фактот што новата американска администрација реши првото претставување на својата надворешна и безбедносна политика надвор од Соединетите држави да го направи во Минхен, кажува самиот по себе. Станува збор за силен сигнал.

Вели Ишингер, наведувајќи дека меѓу над тристате учесници се и пеесетина министри од седумдесет земји во светот. Најавено е и учество на еврокомесарот Хавиер Солана, на генералниот секретар на НАТО Јап де Хоп Схефер, на поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер и на шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија Мохамед ел Барадеи. На конференцијата ќе се дискутира на три главни теми: Односите Русија, НАТО, Природниот гас и Блискиот Исток, како и Иднината на европската безбедност. Една од утрешните панел дискусии е насловена како: Регионални нестабилности, Транскавказ и Балкан. На минотогодишната конференција во Минхен учествуваше претседателот на Македонија Бранко Црвенковски кој во врска со претојниот априлски самит на НАТО ги наведе пречките што Грција ги постави пред македонската кандидатура за зачленување во Алијансата.

Би сакал да бидам јасен околу оваа. Доколку се случи такво нешто тоа ќе значи злоупотреба на принципот на сојузничката солидарност и еден национален интерес го наметнува пред колективниот интерес на Алијансата. Уште повеќе, тоа ќе биде ризичен потег во регион чија безбедносна стабилизација се уште не е конечно завршена.

Изјави Црвенковски на минатогодишната Минхенска безбедносна конференција.
XS
SM
MD
LG