Достапни линкови

Тргувањето ќе биде условено и од светските трендови и од локалните случувања


Индексот на десетте најликвидни компании на берзата во јануари бележеше благ пораст. Имајки ја предвид претпоставката на инвеститорите дека случувањата во јануари се предгласник на трендовите при тргувањето низ целата година, се поставува прашањето дали годинава може да се очекува поинтензивно тргување со акции? Брокерите посочуваат дека не станува за голема промена во текот на минатиот месец. Кире Димитриевски од ,,Алта Виста Брокер“ вели дека придвижувањето на МБИ 10 не помогнал за стабилизирање на прометот:

„Прво погледнете го прометот, значи никаков промет нема. Тоа е тоа. Се вика бела смрт – нити некој купува, нити некој продава.“

Брокерите одбиваат да дадат прогноза за случувањата на берзата до крајот на годинава. Велат би било неблагодарно да се претпоставува дали тргувањето ќе биде поинтенизвно во услови кога акциите се со дисконтни цени, или инвеститорите ќе се воздржуваат и повлекуваат поради светската економска криза. Извршниот директор на „Иново Статус“ Миа Зографска вели дека тргувањето ќе биде условено и од светските трендови и од локалните случувања:

„Што би се случило на светско ниво со рецесијата, тоа би влијаело на психолошкиот момент кај нас. Токму поради тоа немаше интензивно тргување. Имаше промет од 7 или 8 милиони на дневно ниво што не е задоволително.“

Според Зографска, битно локално случување ќе биде објавувањето на финансиските извештаи на домашните компании.

„Можам да кажам дека иако немаме годишни ревидирани извештаи, значи не ги знаеме извештаите, фундаменталните показатели за работата на компаниите, сепак сме во исчекување.“

Зографска вели дека за сега не може да се претпостави како пазарот ќе реагира на објавените извештаи. Инаку, Според неофицијални приоценки на берзанските аналитичари евентуално зголемување на активноста при тргувањето и остварување поголем промет може да се очекува во септември. Инаку од почетокот на овој месец индексот на десетте најликвидни компании затвора со црвено, имено губи од вредноста. Од 29 јануари до денеска на официјалниот пазар е остварен промет од околу 30 милиони денари преку 285 трансакции. Во истиот период минатата година прометот на официјалниот пазар се проценува на 187 милиони денари, остварен преку 976 трансакции.
XS
SM
MD
LG