Достапни линкови

Шансите за средба со американскиот претседател се невозможни, велат поранешни учесници


Американскиот претседател Барак Обама
Американскиот претседател Барак Обама
Во раните утрински часови, со молитва по која следи воведно обраќање на првиот човек на Соединетите Држави започнува традиционалниот молитвен појадок чии организатори се Американскиот конгрес и Сенатот. Некои од македонските политичари кои биле дел од таа церемонија ја опишуваат како интимен собир на луѓе кои во текот на појадокот се чувствуваат како обични луѓе, а не политичари. Но веројатноста да се сретнете со американскиот претседател или да го прашате нешто, е скоро и невозможна, се сеќава пратеникот на Либерално Демократската партија Андреј Жерновски кој присустувал на молитвениот појадок кај поранешниот претседател Буш:

„Значи според самиот протокол на седнување има неколку редови. Во првите редови се оние побитни претставници, дали се од влада, дали е претседател, па парламентарци итн. И според местото ќе видите во која категорија сте. Но, нема шанси да се седне, многу е тешко.“

На појадокот приуствуваат околу 4000 луѓе од различни профили и земји. Масите распоредени во неколку сали, а на секоја од нив задолжително присуствува претставник на конгресот или сенатот. Тие се расположени за разговор и со нив може да размените мислења или контакт броеви, раскажува поранешниот пратеник Исмет Рамадани кој присуствувал на појадокот и во времето на Клинтоновата и за време на Бушовата администрација.

„Тие маси каде што седнуваат, се внимава да има политичари и истакнати луѓе од сите континенти, за да можат да комуницираат меѓу себе.“

Но иако појадокот трае само час и половина што е многу малку за да се воспостават потемелни контакти, организаторите предвиделе низа активности во текот на кој може да се стекнат нови пријателства или деловни контакти, велат поранешните учесници.

„Пред самиот појадок, значи вечерта се оддржуваат средби од разни интересни свери, да речеме Балканот итн, така што многу е битно да се ,,фати“ тој момент.“

На годинашниот појадок со претседателот Барак Обама присуствуваат премиерот Никола Груевски со сопругата, како и неколкумина пратеници од македонското собрание. Најавено е присуство на голем број светски лидери, политичари, познати и успешни бизнисмени и американски сенатори и конгресмени.
XS
SM
MD
LG