Достапни линкови

logo-print

Партиите немаат обврска да достават извештај до Антикорупциската Комисија, но оттаму велат реагираат


За дел од политичките партии финансирањето на изборните кампањи се уште е табу тема. На прашањето од каде ги обезбедуваат средствата за претстојната кампања,одговор не добивме од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Од опозициската СДСМ велат дека е рано да се зборува за начинот на кој ќе се обезбедуваат средствата за кампањата. Детали велат ќе се знаат откако ќе се формира изборен штаб на партијата кој треба да ја изработи финансиската конструкција на кампањата. Порасположени за разговор на оваа тема беа партиите од албанскиот политички блок. Од Демократската Унија за интеграција велат дека најголемиот дел од средствата за финансирање на кампањата ги обезбедиле преку донатори.

„Во принцип се финансираме од членство и од одредени донатори, доколку постојат донатори кои сакаат да ја подржат кампањата.“


Изјави Ермира Мехмети од ДУИ
И од Нова Демократија велат дека не кријат од каде ги добиваат парите за кампањата.

„Повеќето е од донации, бизнисмени, членови што сакаат да придонесат Нова демократија да биде политичка партија.“

Изјави потпаролот на Нова демократија, Аријанит Хоџа
Иако партиите немаат законска обврска да поднесат извештај за потеклото на парите во кампањата до Државната комисија за спречување на корупцијата, од оваа институција велат дека реагираат доколку забележат финансирање на партиите од сомнителни извори.

„Ако Државната комисија за спречување на корупцијата, се сомнева во некакво финансирање од сомнителни извори може да побара од банките да има увид во трансакциите извршени кон политичките партии.“

Изјави Ариф Нуса од Комисијата за спречување на корупцијата. Експертите пак посочуваат дека финансирањето на изборните кампањи и на партиите воопшто е извор на најголемата политичка корупција. Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели дека додека партиите се на власт, обезбедуваат доволно средства за да функционираат и кога се во опозиција. Според него партиите не сакаат да ги откриваат имињата на донаторите на кампањите, бидејќи ако ги изгубат изборите, фирмите кои дале пари ќе имаат проблеми во работењето.

„Партиите кога се на власт имаат можност да ги користат и да не се откријат средствата од буџетот, односно нашите пари, парите на даночните обврзници.“

Упатените во оваа област велат дека во некои земји политичките партии на веб-страници ги објавуваат изворите на финансирање уште пред почетокот на кампањата. На тој начин велат тие граѓаните знаат која партија со кого е блиска и знаат што можат да очекуваат потоа.
XS
SM
MD
LG