Достапни линкови

Разговори со Белград само како две рамноправни страни, велат косовските власти


Шефот на УНМИК Ламберто Заниер деновиве им упати повик на институциите во Приштина за состанок, посветен на евентуалните разговори со властите во Белград. ЕУЛЕКС веќе најави дека ќе има техничка улога на тие разговори. Косовските власти велат дека ќе разговараат со Белград само како две рамноправни страни.

Мисиите на Обединетите нации и на Европската унија најавија дека се во тек подготовки за покренување дијалог меѓу Приштина и Белград. Шефот на УНМИК Ламберто Заниер ќе се обиде да ги убеди косовските власти за учество во дијалогот за познатиот план од шест точки. Заниер, кој има се помалку овластувања поради процесот на реконфигурација на УНМИК, односно префрлување на надлежностите врз ЕУЛЕКС треба да ги запознае властите во Приштина со препораките кои ги добил во Њујорк во врска со разговорите. Портпаролот на УНМИК Александар Иванко кој потврди дека се подготвува средба на Заниер со челниците на косовските институции најавува:

„УНМИК ќе има улога во техничките разговори иако сите надлежности се префрлени врз правно полициската мисија ЕУЛЕКС. Затоа треба да бидат вклучени и другите меѓународни фактори.“

Тоа пред се, подразбира претставници на европската мисија на Косово, што на извесен начин го потврди и портпаролот на ЕУЛЕКС Карин Линдал.

„Ако од нас се бара да учествуваме во дијалогот тоа ќе биде на техничко ниво, бидејќи ќе понудиме наша експертиза во областа на владеењето на правото. “

Но, косовските власти отфрлаат секаква можност за разговори со Белград околу Планот од шест точки. Станува збор за предлогот на генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун двете страни да разговараат за решавање на проблемите што се однесуваат на полицијата, правосудството, царината, сообраќајот, телекомуникациите и заштитата на културните и верските објекти. И додека србите очекуваат овој план да им доснесе поголеми овластувања во средините каде што се мнозинско население, Приштина оценува дека со планот се крши Уставот на Косово. Според портпаролот на косовската влада Мемли Краниќи, Приштина не прифаќа разговори доколку Косово на нив нема да се третира како независна држава.

„Ништо не може да и се наметне на Република Косово. Тоа се однесува и на планот од шест точки кој за косовската влада е непостоечки.“

Од друга страна, косовската опозија смета дека процесот на подготовка на евентуалните разговори е затворен и оти тоа не се соопштува јавно.

„Како и многу други процеси и овој се одвива на нетранспарентен начин. И овој пат ќе се најдеме пред свршен чин.“

Вели шефот на пратеничката група на Алијансата Ново Косово Ибрахим Маколи.
XS
SM
MD
LG