Достапни линкови

logo-print

Зоран Стефановски, претседател на Советот за радиодифузија. Медиумите во Македонија ,,прележуваат" детски болести во поглед на независноста


Во последно време, стигнаа доста забелешки од ЕУ во однос на независноста на медиумите во Македонија. Што презема советот на тој план и каде вие го гледате излезот од оваа ситуација?

Значи, независноста на медиумите дефинитивно може да се каже дека е загрозена во Република Македонија, на два начини. Кај некои доброволно е загрозена, кај некои присилно. Можеби не е толку алармантно, но сепак, во Република Македонија постојат медиуми чиишто основачи се дури и лидери на политички партии и членови на нивните семејства. Понатаму, постојат медиуми коишто излезот од кризата го гледаат со сервилност кон оваа или онаа политичка гарнитура, претежно кон власта, се разбира, па така се обидуваат да дојдат до средства за егзистенција. И во едниот и во другиот случај се работи за дирекнто и грубо нарушување на независноста на медиумите. Советот за радиодифузија како независно регулаторно тело е единствената бариера, помеѓу политичката власт и независните медиуми. Единствената бариера којашто може да го спречи или барем да го ублажи ударот, затоа што ако ние не сме, ја немаме оваа функција и независноста којашто сега ја имаме, тогаш не гледам начин како би се спречила директна инволвираност на политиката во медиумите. Ова е само една детска болест, којашто мора да се прележи кај медиумите и конечно сите ќе сфатат дека независноста во новинарството е основниот предуслов вие да успеете да опстанете во медиумскиот пејсаж којшто го имаме.

Како реагирате, кога и по упатените предупредувања и санкции од Советот за одредени случувања во работењето на некои медиуми, истите продолжуваат да ги повторуваат грешките?

Реагираме според тоа што законот како казнена одредба ни го овозможува. Друго е прашањето дали сме задоволно од реакциите и од одговорот што го имаме. Сметам дека казнените одредби, и тоа треба да се случи со измените на законот за радиодифузна дејност, дека измените во казнените одредби треба да се пропишат конкретни санцкии коишто ќе ги санкционираат прекршителите на многу погруб начин. Затоа што ваквите санкции, писмена опомена, па и забрана за рекламирање и телешопинг во траење од еден до седум дена, не се доволно мотивирачки и стимулативни за оние коишто намерно или ненамерно, посебно за оние што намерно го кршат законот.

Господине Стефановски, зошто дозволувате емитување на владини седници на Собранискиот канал?

Ние не дозволуваме. Тие тоа самите го прават. Ако сте ги следеле, а сигурно сте ги следеле нашите настапи ние најжестоко реагиравме, ние бевме единствените коишто континуирано најжестоко реагираа и кон Владата и кон МРТВ и кон Советот на собранискиот канал, заради класичната безобзирност во употреба на тој канал. Ми се чини дека нашата порака, којашто ја упативме како регулатор стигна до владата, мислам дека се откажа или ќе се откаже сигурно после последните предупредувања, бидејќи ги упативме и кон македонската јавност но и меѓународната заедница.

Се доведува ли тогаш во прашање авторитетот на ова регулаторно тело?

Точно. Кога законските одредби би пропишале санкција, ние би ја изрекле. Од друга страна, покрај тие санкции и казни, постои и нешто друго. Постојат етички санкции или етички предупредувања, бидејќи треба да бидеме свесни дека сме мала држава, и добро знаеме кој што работи во оваа држава. И многу е лошо, некој којшто е законодавец да си дозволи луксуз да го прекрши законот, којшто самиот го напишал.

Може ли Советот за радиодифузија да опстане без дополнителна финансиска помош, односно ако тоа се прави само преку наплата на радио дифузната такса?

Ако радио дифузната таска се наплаќа како во земјите од ЕУ сметам дека нема да има никаков проблем Советот. Можеби поголем проблем ќе биде кај МТВ, којашто е најголем корисник на таа такса, 75 насто. Ние сме со четири насто, имаме помали трошоци, имаме помали потреби од нив, сметам дека тогаш потребата ќе биде задоволена. Кога прв пат Советот за радиодифузија успеа да ги сервира недостатоците во системот за мониторинг, техничко технолошките услови, кадровската екипираност за време на избори, па и повеќе од тоа, со новиот закон секој радио дифузер е должен дел од обврските покрај на агенцијата да ги плаќа и на Советот. Ние веќе финансиската конструкција ја затвораме.

Дали е точно дека владата ве заобиколи кога ги правеше измените на Законот за радиодифузна дејност со кој се овозможува ставање под стечај или ликвидирање на националниот сервис?

Точно е. Тоа беше кратка постапка. Која што се одвива по некои други законитости, не би сакал да навлегувам во начинот на донесување на законот. Но, точно е дека ние не дадовме мислење, ниту пак некој побара од нас, во врска со ставање под стечај на јавниот сервис. И тоа го кажавме јавно, тоа го соопштивме и пред сите претставници коишто го побараа на ЕУ тоа од нас. Добро е да се овозможи вистинска независност, затоа што јавниот сервис е еден од предусловите за наше влегување во ЕУ, еден од предусловите за развој на вистинско независно новинарство во Република Македонија и иако многу политички структури се променија на власт, ми се чини дека никој не зачекори и не исчекори напред во правец на вистинска демократизација, односно вистинска професионализација.

Во последно време јавноста ја разбранува емитувањето на таканаречената македонска молитвна на јавниот сервис. Тоа е краток филм, за којшто многумина сметаат дека има контроверзна содржина. Дали конечно ја погледнавте молитвата, и кој е вашиот став по ова прашање?

Најмногу би сакал да одговорам дека немам коментар. Навистина не знам што би искоментирале. Ние направивме стручно мислење, го образложивме комплетно нашиот став, и од уметничка гледна точка, но и од аспект на законот, затоа што со закон се забранети програми кои може да предизвикаат расна нетрпеливост, верска нетрпеливост, значи не само коишто се насочени против уставното уредување на оваа држава, туку можат да предизвикаат и спорадични ефекти како оние што ги споменав. Има елементи за санкционирање. Генерално сметам дека не е добра содржината на тој спот, сметам дека не се добро вкомпонирани елементите. Сметам дека можеби треба да се доработи, преработи. Пораката не е таа што треба да биде, и секој извлекува различна порака, којашто не е баш упабво прифатена од публиката.

Ќе изрече ли Советот на радиодифузија санкции до МТВ за емитувањето на овој спот?

Доколку Советот за радиодифузија ги прифати дел од укажувањата коишто ги има од програмскиот сектор, значи од оние кои анализираат од стручен аспект, доколку ги прифати деловите каде што постои тангирање со членот што го спомнав околу можноста за предизвикување верска или расна нетрпеливост, мислам дека на наредната седница ќе расправаме и имаме и обврска за тоа.
XS
SM
MD
LG