Достапни линкови

logo-print

Експертите очекуваат граѓаните да ги почувствуваат позитивните последици по изборниот цикус


Кога на 1 јули 2005-тата беше означен стартот на фискалната децентрализација, градоначалниците се најдоа како фрлени во оган. Предизвиците беа огромни, уште поголеми беа пречките. Сеуште актуалната гарнитура градоначалници себеси се нарекуваат експериментални токму поради проблемите со кои се соочија отпочнувајќи сосема нови процеси во кои требаше да ги внесат своите општини. За волја на вистината токму локалните власти беа тие кои ги почувствуваа најголемиот дел од придобивките, многу повеќе од самите граѓани на кои целиот процес им е наменет. Со тоа што направија и што треба да направат во поглед на подобрување на квалитетот на услугите веројатно ќе се занимаваат поинтензивно од почетокот на март кога во текот на изборната кампања ќе мора да ги образложат пропустите и да ветат подобро функционирање на сите сегменти во општината за кои стекнаа надлежности.
Главната битка се водеше околу парите. Истото им преостанува и на идните градоначалници.Со голем број финансиски проблеми и затекнати долгови не може да се постигне голем успех. Вака градоначалниците најчесто ги оправдуваа проблемите и пасивноста во поглед на новите ангажмани. Успешноста ја мереа со преземените надлежности. Наспроти бројните незадоволства општо е мислењето дека во одредени области се постигнати видливи резултати.

,,Јас лично мислам дека без проблеми се одвива процесот на децентрализаија во однос на детската заштита, тука немаше никаков застој во пренесувањето на надлежностите и давањето квалитетни услуги од страна на општините. Мислам дека и во областа на културата солидно се спроведе процесот на децетнрализација иако и тука е можно нејзино продлабочување. Во одреден степен и во урбаниситчкото планирање, општините добија големи надлежности во издавањето на одобренија за градба и контролата на нелегано изградените објекти."
,,Мене ми е драго што практично во процесот на децентрализација, преку пренесување на надлежност во прва фаза на локалните единици во делот на образование, спорт, култура се видоа првичните резултати,"


изјавија градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, и градоначалник на Ресен, Димитар Бузлевски.

Во сферата на образованието која е најобемна надлежност која ја презедоа градоначалниците во процесот на децентрализацијата се појавија и најголемите проблеми и ризици проследени со задоцнети плати за наставниците, одземање на надлежностите и одложување на фискалната децентрализација.

,,Во таа област сеуште за жал имаме многу отворени прашања кои во партнерсто со Министерството за образование и наука и СОНК треба да ги решаваме во наредниот период,"

вели Коцевски.

Актуелниот претседател на ЗЕЛС Коце Трајановски како успех на целито процес бележи законските измени кои како што вели ги зголемиле изворите на средства за општините.

,,Со наша иницијатива се промени законот за имот според којшто правните субјекти плаќаат данок на имот на целокупниот производен простор којшто го имаат. Се промени законот за градежно земјиште, во којшто сега добиваме 80 насто од продажбата на градежното земјиште, а 20 насто остануваат на државата. Законот за минерални суровини и концесии на минералните суровини, процент од концесиите добиваат и општините."
Денеска грдаоначалниците веруваат дека граѓаните се многу поблиску до властите, односно до оние кои ги носат одлуките во нивно име. Некои услуги видливо се унапредени како што е скратеното време за добивање дозволи за градба, велат некои од нив. Со една преодна тројка би го оценил досегашниот процес на децентрализација поранешниот претседател на ЗЕЛС и експерт за локална самоуправа, Горан Ангелов. Оценката како што вели ја дава врз основа на придобивките кои ги донесе целиот процес. За него, градоначалниците вкусувајќи ја привилегијата на менаџирањето и проширените ингеренции на одлучување во рамките на своите општини почувствувале најголем дел од придобивките на целиот процес на децентрализацијата.

,,Лично мислам дека позитивните ефекти од процесот на децентрализација граѓаните ќе ги почувствуваат после овој изборен циклус кога градоначалниците и советниците ќе се фокусираат на подобрувањето на квалитетот на услугите кои ги даваат,"

вели Ангелов

Во борба за повеќе ингеренции и поголеми средства особено по основ на сигурни приливи воглавно помина мандатот на сегашните градоначалници. Тие апелираа дека количината од 3% од ДДВ и 3% од персоналниот данок кои ги добиваат општините се премногу ниски и треба средствата од ДДВ најмалку да се дуплираат, односно од 3 на 30 проценти да се зголемат средствата од персоналниот данок.. Бараа да им се дозволи да земаат кредити зошто без тоа не можеле да направат ниту еден посериозен објект, беа изненадени од непопустливоста на државата во отстапувањето на сопственоста на градежното земјиште.

,,Ако сакаме успешно да се децентрализира власта во Република Македонија или пак општините да одговорат со конкретни резултати во делот на локалниот економски развој, се наметнува апсолутен приоритет, наделжност на општината врз урбанистичките планови кои се донесени, а тоа значи располагање врз основа на претходно донесени проекти со градежното земјиште. Најголем привлекувач на странски инвестиции може да биде локалната единица,"

посочува градоначалникот на Ресен Димитар Бузлевски.Сегашнава состојба создава хаос, додава Бузлевски или состојба во која исти парцели се доделуваат по неколку пати на различни лица поради немањето евиденција и вистинска претстава со што располага една општина.

Државата покажа подготвеност за соработка, но како што е природно, на таа соработка и недостасува повеќе искреност на сметка на формата.

,,Суштинскиот, содржинскиот аспект за мене сеуште стои во место, значи немаме реални пометувања во процесот на децентрализација, посебно фискална децентрализаија, каде на искрена база, пријателски однос ќе се разреши спорот околу долговите, начинот на финансирање, значи општините да се чувствуваат сигурни во она што ќе го добијат за да може навистина да ги подобрат условите за кои всушност преку надлежностите се задолжени,"

вели Ангелов

Поуспешен процес на фискална децентрализација, решавање на проблемот со градежното земјиште како но и други реформи се очекува да бидат следните чекори за новите градоначалници.

,,Првата област е зголемуавњето на надлежностите на општините и градот Скопје. Трансформација на службите за итна медицинска помош од државно на локално ниво. Управните служби за издавање на возачки дозволи, сообраќајни дозволи, изводи од матични книги на родени и умрени, лични карти да се пренесат на локално ниво, потоа сопственоста и управувањето со неизграденото градежно земјиште. Продолжување со процесот на фискална децентрализација, за да не биде Македонија и натаму фискално најцентрализирана држава во Европа. "

вели градоначалникот на Велес Аце Коцевски.
Токму тогаш Ангелов ги очекува и првите позначајни позитивните ефекти од децентрализацијата кои треба да ги почувствуваат граѓаните. Ангелов очекува дека градоначалниците како и локалните советници ќе треба да се фокусираат на подобрувањето на квалитетот на услугите кои ги даваат. Дури тогаш вели тој може да се очекува Македонија да ги подобри резултатите од анализите кои ја рангираат земјава на последното место според фискалната децентрализација во Европа.. Тука можат да се очекуваат и други чекори по кои ќе го проценуваме напредокот на целиот процес во идниот период.

,,Подобрување на капацитетите на администрацијата и искористување на можностите кои ги нуди законот за раномерен развој,"

додава Ангелов.

Градот Скопје покажа веројатно најголеми проблеми во прилагодувањето на новите процеси. Одби да аплицира за премин во фискалната децентрализација, наведе сериозни финансиски проблеми и недоречености во законот за градот. Имаше и предлози градот Скопје – една општина руралните општин и да се издвојат од метрополата со цел да се постигнат буџетски предности кои најчесто го оправдуваа недостигот од проекти и реални активности кои би го подбриле животот во главниот град.
Поголема ефикасност во функционирањето на сите општините ќе биде новиот предизвик. За градоначалниците кои ќе победат на претстојните локални избори во март. Данокот на имот кој премина во надлежност на општините ќе треба да се наплатува но да се бараат и нови извори на средства за бројните надлежности кои во иднина веројатно и ќе се продлабочуваат, вели Коце Трајановски.

Сегашните приходи со кои располагаат општините и градот Скопје се за 8-10 пати помали од оние со кои располагаат општините во Хрватска или Словенија а уште помали се во однос на некои други западноевропски земји. Доделени надлежности без средства да се исполнат обрските се повеќе товар отколку привилегија, велат градоначалниците.

Изборната трка ќе започне 20 дена пред изборите закажани за 22 март. Се очекува над 20% од страите градоначалници да влезат уште еднаш во изборната трка. Експертите велат добра можност да се покаже стекнатото знаење за да се постигне вистинската цел- да се подобрат условите за граѓаните во сите сфери во кои градските власти се бореа да стекнат ингеренции во изминативе четири години.
XS
SM
MD
LG