Достапни линкови

logo-print

Експертите велат дека згрижувањето е работа на социјалната политика, но да не стане трeнд


Стечајните работници кои не беа згрижени со минатогодишниот Закон најавуваат поставување на нови шатори, овој пат пред зградата на Владата. Тие велат дека последниот одговор од премиерот Груевски бил дека за сега не постои намера за згрижување на сите стечајни работници во земјава. Експертите посочуваат дека стечајците се користат за политичка манипулација, но предупредуваат дека згрижувањето на стечајни работници може да се претвори во тренд.
Лилјана Георгиева од здружението на стечајни работници на Македонија вели дека на последната средба во владата биле информирани дека владата не може да ги згрижи останатите работници со над 25 години стаж кои не беа опфатени со Законот за стечајци.

„Меѓутоа ни беше дозволено да го посетиме министерството за економија со цел да се види дали може да се извлече некоја од фирмите во кои работевме со последниов закон... но сето тоа нема врска, тоа е само купување време.“

Георгиева вели дека стечајците ќе превземат порадикални мерки со цел остварување на нивните барања:

„Најпрвин ќе пробаме со блокади, па ќе видиме како ќе одат работите. Не би требало надлежните да дозволат поставување на нови шатори но ние сме подготвени и на таков чекор. Имаме луѓе со над 15 години стаж со над 50 години старост и бараме тие да се згрижат.“

Минатата година, Владата згрижи близу 1.700 стечајци кои работеле во државни фирми со остварен стаж од 25 години. Според професорот Ристо Карталов стечајците се огорчени поради делумното згрижување со што не е решен проблемот на оваа категорија граѓани:

„Не станува збор за наука, туку политички прагматизам каде државата смета дека е целисходно да ги обештети или така да кажам социјално да ги згрижи работниците од фирмите каде таа била доминантен сопственик. Сепак, во еден поширок контекст тоа е работа на социјалната политика.“

Но, од друга страна Карталов предупредува дека барањата за згрижување на стечајните работници може да се претвори во тренд кој ќе се прошири и во приватните фирми кои биле ставени во стечај.

„Ако државата тука попушти тој процес нема крај. Утре пак ќе земат стечајците од приватните фирми да поставуваат такви барања, а тоа нема логика.“

Според професорот, ризикот од стечај и ликвидација е нормална појава во пазарната економија.

„Ризикот го сносат претпремачите и работниците. Стечајот и ликвидацијата е една нормална појава во пазарните економии.“

Инаку стечајците кои беа згрижени минатата година добиваат надомест во висина од 34 отсто од просечната месечна плата, се до ново вработување или пензионирање.
XS
SM
MD
LG