Достапни линкови

logo-print

Дали Македонија треба да биде повнимателна при изборот на странски инвеститори?


Дел од странските инвеститори во земјава се соочуваат со проблеми при остварувањето на нивните планови. Изреволтирани фармери неделава блокираа неколку патни правци во земјава поради долговите од странскиот „Свидмилк“, жителите на Миладиновци и понатаму се жалат на загадување од рафинеријата „Окта“, додека „ЕВН“ се соочува со остри критики од Владата за наводно неостварување на ветените инвестиции. Проблемите на овие три компании со странски капитал го отвораат прашањето дали Македонија треба да биде повнимателна при изборот на странски инвеститори? Експертскарта јавност е со поделени мислења за ова прашање. Екс - Министерот за економија Стевчо Јакимовски смета дека Македонија не е во состојба да воведува строга контрола на влезот на странските инвеститори.

„Претенциозно е да се очекуваат такви работи, строга контрола при влезот, бидејки Македонија не е доволно атрактивна земја за странските инвеститори и она што ни се случува потоа е одраз на вкупната состојба во земјата“

Јакимовски препорачува „Свидмилк“ под итно да ги обештети фармерите пред тие да почнат со колење на кравите, а со „Окта“ ригорозно да се постапи за непочитување на еколошките стандарди.

„Значи во конкретниов случај сметам дека „Сведмилк“ и „Окта“ се проблематичните инвестиции “

Професорот Зоран Ивановски, смета дека проблемите кои ги имаат странците во земјава се предизвикани од нивното непочитување на законите.

„Република Македонија не треба да се доживува само како место за повисоки приноси, поатрактивни од нивните домашни земји, туку и како држава која си има свои закони кои треба да се почитуваат.“

Ивановски смета дека домашните и странските инвеститори не смеат да се третираат како два посебни субјекти:

„Значи, еднаков третман на сите инвеститори и домашни и странски, тоа е основа за брз развој во една земја. Се што значи дискриминација или на едните и другите е негативност.“

Од „ЕВН“ и „Свидмилк“ за сега нема коментари за нивните проблеми на македонскиот пазар. Менаџментот на „ЕВН“ е во консултации во Австрија. По медиумите протече информацијата за можност компанијата да ја тужи Република Македонија на меѓународен суд. „Окта“ од друга страна се соочува со проблеми со локалното население. Жителите на Миладиновци неделава најавија нови блокади на патиштата поради тоа што, како што тврдат, ОКТА и понатаму им ги загрозува живеалиштата.
XS
SM
MD
LG