Достапни линкови

Дел од експертите повикуваат на итно решавање на проблемот со зајакнување на финансиската дисциплина


Глобалната економска криза почна да се одразува на приливите во Буџетот од Царината. Според официјални пресметки, приливот од царинските наплати се намалил за 3 отсто во последниот квартал од ланската година во споредба со претходните три месеци. Во истиот период е забележано и намалување на сретствата од данокот на додадена вредност за увозните артикли за 10 отсто. Експертската јавност очекува дека приливите од Царината и понатаму ќе се намалуваат, но имаат поделени мислења околу ефектот што тоа намалување ќе го има при инвестициите предвидени со овогодинешниот Буџет. Професорот Мирољуб Шукаров вели дека приливите во буџетот од царината и понатаму ќе се намалуваат поради светската криза, но, според него тоа нема да влијае на активностите предвидени со Буџетот:

„Меѓутоа буџетските расходи ќе страдаат бидејки приливите навистина ќе се намалат од другите извори. Комплетно економската активност во Македонија очекуваме да стивнува и веќе стивнува.“

Според Шукаров, евентуалното опоравување на странските пазари нема веднаш да се осети во земјава:

„Додека се префрлат тие резултати, прво во Западна Европа, па после во останатиот дел во светот, вклучувајки ја и Македонија ќе помине многу време.“

Професорот Петрит Положани, вели дека понискиот прилив од Царината ќе има влијание врз предвидените инвестиции во овогодинешниот буџет, предлагајки итно решавање на проблемот.

„Кога имаме некој проблем, истиот треба да се решава на некој начин. Потребно е појачување на финансиската дисциплина, како и плаќање на даноците и така натаму и покривање на таа дупка за која знаеме дека е 2,8 отсто од бруто домашниот производ на Македонија.“

Од друга страна, како што информира портпаролот на Министерството за финансии Мартин Мартиновски, последните податоци за првите петнаесет дена од овој месец покажуваат солидна реализација на предвидените приливи.

„Податоците покажуваат дека имаме реализација на проекциите за некаде околу 62 отсто, од она што било планирано, што претставува одлична реализација. Значи, се` што е над 50 отсто за половина од периодот што се набљудува е практично зголемување на приливот.“

Инаку, во минатогодишниот Буџет се слеале 20 отсто повеќе пари од царината во споредба со 2007 година.
XS
SM
MD
LG