Достапни линкови

За исполнување на ветеното, треба да се ,,победи“ партиското влијание, велат експертите


По се побројните критики што Македонија ги добива во поглед на уназадувањето на демократијата, застапувањето на интересите на невладиниот сектор, поддршка на независните експерти, интелектуалците... ќе бидат предизвик на кој ќе треба да се обрне внимание од страна на кандидатите во трката за претседател на земјава, посочува домашната стручна јавност. Дека ова ќе биде еден од приоритетите во фокусот на неговото делување, веќе најави професорот Горѓе Иванов кој на синоќешната конвенција на ВМРО ДПМНЕ ја доби поддршката од мнозинството делегати за претседателски кандидат на оваа партијата.

„И неговата кандидатура и евентуален избор за претседател, секако дека ќе биде од силна придобивка токму за овој сектор.“

е мислењето на Васко Наумовски од Њујорк Универзитетот. Наспроти него, аналитичарот Гордан Ѓорѓиев од невладиниот Форум Центар, на мислење дека сепак треба да се има предвид дека во македонското длабоко исполитизирано општество главен збор има партијата:

„Почетокот не е добар затоа што сепак имаме една цврста партиска машнерија која што стои зад него, која што пак многу стриктно и многу грубо се профилира партиски.“

Смета Ѓоргиев, кој додава дека оттаму пред професорот Иванов е предизвикот да покаже партиска независност со оглед на тоа што владеачката ВМРО ДПМНЕ, ја пропушти шансата да прифати натпартиска личност за претседателски кандидат:

„Во случајот ,,гревот“ е направен со самото неподржување на условно кажано натпартискиот кандидат Срѓан Керим и авансирањето веднаш на еден партиски или полупартиски кандидат, како професорот Ѓорѓе Иванов. Ќе се остави да се види на кандидатот, ако стане претседател евентуално, дали тој ќе успее да се отргне од тоа и да стане натпартиски кандидат кој што ќе застапува пошироки слоеви на македонското граѓанство.“

Вели Ѓоргиев. Ден по конвенцијата на ВМРО ДПМНЕ, денеска и СДСМ на партиските тела го бира својот претседателски кандидат. Веќе извесна е кандидатурата, велат извори од оваа партија, на професорот Љубомир Фрчковски. Тоа најпро го потврдува Извршниот, па потоа и Централниот одбор на партијата, а процедурата ќе биде заокружена со вечерашната партиска Конвенција.
XS
SM
MD
LG