Достапни линкови

Мајкл Фриц Директор на мисијата на УСАИД во Македонија. Се надеваме на слободни и фер избори


Г-не Фриц, само на кусо, во кои најзначајни проекти во моментов дава поддршка УСАИД во Македонија?

Програмите на УСАИД се воглавно фокусирани на тоа да и помогнат на Македонија во насока на интегрирањето во Европската Унија. Така што ако погледнеме во целокупниот опфат на проектите тие се фокусирани да го постигнат тоа. Тоа значи дека сме насочени кон економскиот развој и како тој економски развој ги пресретнува главните проблеми со кои се соочува Македонија. Како што гледаме низ сите истражувања невработеноста, особено сега во текот на економската криза станува се позначаен и позначаен проблем. Оттука, нашето најголемо внимание е свртено кон економскиот развој преку работата со индивидуални фирми, во смисла на креирање на работни места, во смисла на посебни сектори, во смисла на ИТ секторот или агробизнисот. Тоа е еден од начините на кои го работиме тоа. Еден тип работа на истото прашање но од различен аспект е образованието. Потребна ви е едуцирана работна сила за да обезбедите работници за овој тип на бизниси и работни места во иднина. Нашите образовни програми го опфаќаат основното образование, средното образование а исто така и на универзитетско ниво, можните начини да се подобри курикулумот, фокусирајќи се на математиката, науката и технологијата, да се подобрат врските меѓу бизнисот и студентите. Ова се само некои примери на кои прашања сме фокусирани.

Знаете дека од големо значење за Македонија е да овозможи фер и слободни избори во март. Мислите ли дека Македонија има доволно функционални институции да организира фер и демократски избори?

Прашањето на изборите е многу соодветно прашање не само за Македонија. Во Македонија американската Влада и многу други донатори се посветени на тоа да ги помогнат претстојните избори како што тоа беше и со претходните избори обезбедувајќи одредена асистенција. ОДИХР идентификуваше одредени проблеми кои се однесуваа на претходните избори и за кои Макеоднија направи одредени чекори да ги исправи. Ние се надеваме на слободни и фер избори во следниот изборен процес но имплементацијата на сите тие измени како и тоа како изборната комисија и изборните места ќе функционираат ќе бидат клучни како тоа ќе се одвива а исто така и како политичките партии ќе се однесуваат во текот на процесот. Механизмите се тука и ќе видиме како се ќе се одвива. Еден од проблемите на последните избори беше насилството во текот на изборниот процес, така што мислам дека владата апелира до граѓаните да го избегнуваат насилството во текот на изборниот процес, исто така и меѓународната заедница. Важно е луѓето да се чувствуваат комотно да го остварат своето право да гласаат, да отидат до гласачките места без да бидат исплашени за својата безбедност.

Вие вложивте многу во поглед на зголемувањето на довербата на македонските граѓани во институциите. Како денес гледате на резултатите?

Унапредувањето на капацитетот на институциите е проблем на кој ние се фокусираме одредено време. Токму начините преку кои го подобрувате капацитетот на институциите како и системите кои ги користат се она на кое се фокусиравме во изминатиот период. Еден од примерите кои ќе ви ги посочам е оној на Проектот на УСАИД за електронска влада преку кои инсталиравме цела серија на онлајн системи кои обезбедуваат подобра траспарентност на процеси без разлика дали тоа се апликации за студенско сместување, возачки дозволи, плаќање на даноци и еден од најголемите на кои работевме а и сеуште работиме е апликацијата за јавна набавка, како област која овде а и во многу други држави е подложна на корупција, а токму преку пронаоѓањето начин преку кој овој процес ќе стане отворен и транспарентен ќе се избегне и можноста за корупција во истиот. Исто така се фокусираме и да донесеме надворешни инвестиции во Македонија, има некои критични работи на кои треба да се работи. Треба да постои легална и поволна клима каде што надворешните но и внатрешни инвеститори ќе можат да се обратат некому доколку почуствуваат потреба за тоа или доколку имаат некои проблеми и се чувствуваат безбедн да излезат на суд сигурни дека ќе добијат еден фер процес и дека нивните проблеми ќе бидат решени во брзо време. Македонија има направено многу работи за да ги подобри условите за инвестиции, ги намали даноците, го намали времето за регистрирање на бизнис и многу други работи, но сепак сеуште има работи на кои треба да се работи и ние ќе продолжиме да работиме на тоа поле со Владата на Р. Македонија како и со бизнис заедницата кои исто така работат на подобрување на ова поле. Постојат и други работи кои се значајни за локалните инвеститори и ние работиме преку процесот на децентрализација со ЗЕЛС и со локалната самоуправа за да ги зголемат своите капацитети за локален економски развој. Имаше многу и поклопување на интереси, како на пример за инвестициите во обработливо земјиште, кое што е нов начин на инвестирање во обработлива површина. До денес беше многу тешко да се одлучи кој го има правото на користење на тоа земјиште и како ќе се користи. За жал ова предизвика една многу непријатна атмосфера и многу од инвеститорите помислија дека целиот тој процес е многу комплициран. Сега Владата на Р. Македонија бара полесни начини на кои тоа земјиште, без разлика дали е на закуп или пак на купопродажен договор полесно би можело да се стави во корист на инвеститорите и тие да можат да инвестираат во тоа.

Ја спомнавте корупцијата. Како ја оценувате борбта против оваа појава во македонија и дали гледате доволно развиена свест кај надлежните институции и кај граѓаните за суштинска и ефикасна борба против оваа широко распространета појава во македонското општетсво?

Никогаш нема да има доволно информации, но многу е важно да се продолжи и понатаму да се информираат граѓаните за нивните права и за тоа како можат да ги решат своите проблеми на локално и на национално ниво. Мислам дека никогаш нема да има доволно информации ниту во една држава. Ние немаме некоја конкретна програма која работи на полето на корупција но всушност сите наши програми работат на транспарентноста и отвореноста кои што мислам дека се многу важни. Исто така работиме и со антикорупциската комисија да развијат програма која опфаќа етички проблеми како што се конфликтот на интереси. Има програма за конфликтот на интереси која работи со судовите и со други владини институции кои работат со граѓаните за тие да можат подобро да го разберат овој проблем, како да постапат кога ќе се соочат со овој вид на проблем и кои се нивните права и одговорности. Има сеуште некои недостатоци и забуни во правната процедура и како тоа се однесува кон граѓаните и сега работиме околу разјаснување на тој процес. Тоа е еден од начините на кои работиме на проблемот со корупција и сметам дека во Македонија корупцијата во администрацијата значајно се намали. Доколку ги погледнете податоците од гласањето, граѓаните генерално чувствуваат дека полицијата и останатите служби кои работат во служба на граѓаните не бараат одредена сума на пари за да ги извршуваат своите работи. Луѓето станаа многу професионални на тоа поле иако се разбира дека има уште да се работи на тоа поле но секоја држава во светот има проблеми на тоа поле, тоа едноставно е борба која никогаш не завршува.

Веќе кажавте, УСАИД има вложено многу во образованието, овде во Македонија. Гледате ли потреба од поголема соработка на бизнисот и образованието со цел кадрите да одговорат на пазарот на трудот, планирате ли некакви вложувања во таа насока?

Веќе нешто кажав на оваа тема. Би сакал да посочам дека тоа е потреба која постои и дека има механизми помеѓу Владата и Бизнис заедницата и помеѓу Бизнис заедницата, училиштата и учениците за да се подобри училишната средина и бизнис средината која е попродуктивна, поповолна за инвестиции и создава нови работни места, која ќе ја намали невработеноста која е еден од најголемите проблеми на Македонија. Соработката помеѓу Бизнис заедницата и Владата во изминатиот период не беше толку голема но во процесот на промени се гледа дека има поголем дијалог помеѓу нив кои ќе помогне во решавањето на проблемите кои сеуште постојат и да се подобрат условите за инвестиции. Образованието, како што и претходно напоменав, работи на воспоставување на програми за практикантска работа за студентите каде што бизнис секторот ќе го забележи нивниот развој. Има многу работи кои се случуваат за подобрување на ова поле. Ова е добра прилика да поразговараме малку и за донаторската координација и соработка помеѓу донаторите и Владата на Р. Македонија. Всушност само што се вратив од состанок со Вицепремиерот Боцевски кој презентираше поставување на некои приоритети кај Владата и донаторската заедница за да се фокусираат на некои примарни проблеми. Работната сила е на врвот на тие проблеми, потоа следуваат агрикултурата, образованието. Ова е многу охрабрувачко за донаторската заедница знаејќи дека ќе има подобро партнерство со Владата за решавање на овие проблеми и донесување на нови ресурси и поголемо внимание кон нив. Драго ни е што гледаме дека пристигаат нови понуди.

Во кои сфери ќе бидете фокусирани во иднина во Македонија? Дали УСАИД останува на тенденцијата да ги намалува средствата издвоени за Македонија и полека да си замине од земјава до 2012 година?

Трите области, владеењето, економскиот раст и образованието се три примарни области и ќе продолжиме да се фокусираме на нив во следниве неколку години. Тоа што е возбудливо за нас, спротивно на нашето мислење пред една година дека се ближи крајот на нашата програма , е фактот дека има одлука за продолжување на финансирањето на програмата до 2014 година и можеби и подолго од тоа, ќе видиме какви ќе бидат потребите. Имплементацијата на тие програми ќе се одвива до 2015 или 2016 година. Фокусот на тие програми најверојатно ќе биде многу сличен. Пак морам да кажам дека процесот за кој претходно говорев, координација на донаторите и работата со владата, помага при рационализацијата на тоа што ќе го прави светската банка, што ќе финансира европската унија, кое е местото каде ние може да имаме најголемо влијание и каде има најмногу потреби. Ние ќе го разгледуваме тоа и сигурен сум дека ќе продолжиме со работата во образованињето. Повторно ќе се работи на поврзаноста на образованието и бизнисот преку моделот за развој на работната сила - каде може да се создадат нови индустрии, нови работни места и секако тука е правната средина за бизнисот. Како што реков неколку пати, сите тие работи се поврзани и мошне сме задоволни што ќе ја продолжиме соработката со нашите колеги од Македонија и од јавниот и од приватниот сектор за да се работи на тие прашања.
XS
SM
MD
LG