Достапни линкови

Домашните експерти сметаат дека регионалните случувања наметнуваат и наша внимателност


Формирањето на косовските безбедносни служби, ги обнови тензиите меѓу Србија и Косово, а секое ново заострување на односите меѓу двете земји наметнува и внимателност во Македонија, предупредуваа домашната стручна јавност. Имено, само еден ден по стапувањето на должност, непознати напаѓачи синоќа гранатираа касарни на косовските сили за безбедност во западниот дел на земјата. Во меѓувреме, Србија која се спротивставува на основањето на силите за безбедност на Косово, потенцира дека нивното формирање претставува закана не само за српското малцинство, туку и за целиот западен Балкан. Професорот Стеван Буџаковски вели дека регионалниот контекст секогаш бара и наша внимателност во поглед на евентуална дестабилизација:

„Регионално сигурно дека ќе има посебно со Србија, бидејќи на оној дел каде што живеат срби, тенденцијата на Србија, односно влијанието на службите е тој дел да се отцепи и припои кон оваа земја, додека косовските служби ќе се стремат тој дел да го зачуваат и тука се можни дестабилизации, значи во тој правец. Во Македонија тоа би можело да биде само инцидентно, од структури кои што не би се контролирале.“

Вели Буџаковски кој додава дека внимателноста го наметнува и сознанието за различните интереси на овие простори:

„Тоа се случи и со Косово чии што безбедносни служби не се од сега и може да се каже дека датираат уште од конфликтите поврзани со распаѓањето на Југославија, исто така и конфликтот во Македонија и кој што служби работеа во функција на создавање на таа нова држава.“

Аналитичарот Алберт Муслиу пак не очекува некакви поголеми импликации од безбедносен аспект во земјава, но додава дека подгревањето на тензиите со оглед на проблематичната ситуација во пресрет на изборите кај нас, треба да се следи:

„Ако тие се заострат, ако тоа се одложи и навлезе во нашиот процес на предизборни кампањи, значи на Балканот секогаш може од ништо да стане големо, но сепак не верувам дека во моментот тоа претставува некој голем ризик.“

Вели Муслиу. Во македонското министерсто за внатрешни работи велат дека немаат ингеренции за коментар на настаните во Косово, посебно во контекст на формирањето на силите за безбедност на оваа земја, а од апсект на актуелната безбедносна состојба во државава потенцираат:

„Посериозни закани по Република Макеоднија нема, а МВР во континуитет ја следи безбедносната состојба.“

Изјавува портпаролот на МВР Иво Котевски.
XS
SM
MD
LG