Достапни линкови

Очекување дека за неколку недели ќе заврши словенечко-хрватската криза


Засега без поголеми промени, но со очекување дека за неколку недели е можно надминување на словенечката блокада на хрватските преговори за членство во Европската унија. Вакви се очекувањата во Загреб, каде што се оценува дека работите се движеле во корист на Хрватска.

Европската комисија деновиве изрази длабоко жалење поради словенечката блокада што за хрватската стручна јавност претставува добар знак дека е можен излез од кризата.

„Во сегашната ситуација Словенија во Европската унија е во дефанзива. Ако Хрватска успее дополнително да ги мобилизира Германија и Франција, длабоко верувам дека работите ќе се придвижат кон арбитража.“

Смета поранешниот министер за надворешни работи Мате Граниќ оценувајќи дека тоа, како што вели, е единственото демократско цивилизирано решение. Позицијата на Хрватска е дека шеснаесетте години преговори не донесоа никакви резултати, а оти обидот за посредство од страна на поранешниот американски министер за одбрана Вилијам Пери пропаднал. Затоа, како што се смета, единствено добро решение за Загреб е Меѓународниот суд на правдата во Хаг, каде што пак, Словенија инсистира на начелото правичност.

„Можам да ви кажам дека пред судот во Хаг досега имало околу сто и десет предмети. Никогаш ниту една држава не го овласти Судот да решава некој спор за правичност. Тоа е реликт од времето кога меѓународното право не беше толку развиено. “

Вели академик Даворин Рудолф кој смета дека се ќе биде појасно по состанокот на Мешовитиот хрватско словенечки комитет закажан за наредните денови. Потпретседателот на Саборот Невен Мимица инаку, експерт за меѓународни односи, вели дека словенечката блокада на хрватските преговори за членство во Европската унија има три цели. Најпрвин враќање на проблемот на билатерално ниво. Ако тоа не успее тогаш доаѓа Меѓународниот суд на правдата и најнакрај арбитража, но притоа да и се оневозможи на Хрватска да ги изнесе своите агрументи.

„Но се додека се остава и малку простор Словенија да се надева оти некоја од тие три решенија се прифатливи, страхувам дека нема да дојде до деблокада. Затоа со Словенија треба да се разговара непосредно и посредно.“

Вели Мимица кој прецизира дека притоа треба да и се каже на Словенија дека нема да има трета хрватска отсапка во спорот. Притоа тој потсетува дека првата беше договорот меѓу Рачан и Дрновшек за границата, а втората кога сегашниот премиер Санадер се откажа од примената на Заштитниот риболовен еколошки појас.
XS
SM
MD
LG