Достапни линкови

Тоа може да создаде нелојална конкуренција, сметаат експертите


Владата ја разгледува можноста за директно кредитирање на стопанство преку Македонската банка за подршка на развојот која е во државна сопственост. Експертите, од друга страна сметаат дека доколку се овозможи државната банка директното да кредитира, тоа може да создаде нелојална конкуренција на банкарскиот пазар. Од основањето државната банка беше замислена како институција посредник преку која малите и средни претпријатија ќе можат полесно да стигнат до кредити од комерцијалните банки. Сепак, поради неуспехот на овој модел, државата започна консултации со стопанските комори за реконструкција на банката. Директорот на банката Драган Мартиновски не поставува конкретни термини кога ќе се почне со реконструкцијата, посочувајки дека за сега се разгледуваат предлозите на стопанските комори за измени на законите согласно кои работи институцијата:

„Се работи на измените во законот, по што повторно ќе има дискусии откако законот ќе им биде доставен повторно на стопанските комори заедно со сите забелешки“

Експертите, од друга страна, сметаат дека државата не би требало да се меша во банкарскиот сектор. Професорот Ванчо Узунов вели дека активирањето на државната банка согласно најавите на Владата би создало нелојална конкуренција за комерцијалните банки и селективност при кредитирањето.

„Секогаш кога имате држава која се меша во делење кредити и одлучување кој што ќе добие тогаш имате нееднаков пристап на фирмите кој не се базира на економска логика туку на партиска припадност и така натаму што не е добро“

Од комерцијалните банки, пак, велат дека не се плашат од можна конкуренција. Директорот на „НЛБ Тутунска Банка“ Ѓорѓи Јанчовски вели дека за создавање на банка со можност за директно кредитирање потребни се инвестиции и стручен кадар за развој на институцијата.

„Не е едноставно сето тоа да се направи бидејки си бара и обучени луѓе кои ќе се научат како се одобруваат кредити и се` останато. Значи не би ни претставувала конкуренција, затоа што по потенцијалот таа не е голема банка“

Јанчовски потврдува дека слабиот капацитет на државната банка ги попречувал можностите за евентуална соработка:

„До сега таа банка немаше голем потенцијал и не можеше да биде позначаен играч во овој дел. Ако имаш мал потенцијал тогаш немаш толкаво влијание“

Инаку, прашањето за реструктурирање на државната банка се актуелизираше откако Владата минатата година посочи дека со соодветно реструктурирање, банката би можела да допринесе за борба против ефектите од светската финансиска криза.
XS
SM
MD
LG