Достапни линкови

logo-print

Неуморна работа со старите пријатели за намалување на нуклеарната закана и загревањето на планетата


Барак Обама со давање свечена заклетва од вчера е новиот претседател на САД. Обама ја даде заклетвата на скалите пред Конгресот во Вашингтон околу дванаесет часот на пладне по локално време пред повеќе од милион присутни. Новиот претседател се заколна над Библијата од 1861 година врз која заклетвата ја има положено и Абрахам Линколн. Библијата ја држеше сопругата на Обама, Мишел.

Пред претседателот на врховниот суд Џон Робертс новиот претседател на САД го повтори класичниот текст на заклетвата:

„Свечено се заколнувам дека верно ќе ја вршам должноста претседател на Соединетите Американски Држави и најдобро што можам ќе го чувам. штитам и бранам уставот на Соединетите држави“.

Во своето обраќање пред граѓаните на САД Обама рече дека дојде време да се потврди благородната идеја дека сите луѓе се создадени еднакви, слободни и дека секој заслужува можност да го добие својот дел од среќата.

Обама им порача на „сите народи и влади“ дека „Америка е пријател на сите држави и на сите мажи, жени и деца кои сакаат мирна и достоинствена иднина“ и дека „САД се повторно подготвени да предводат“. Тој рече дека САД ќе почнат со „одговорно препуштање на Ирак на неговиот народ и исковување на тешко заслужениот мир во Авганистан“.

„Со старите пријатели и поранешните непријатели ќе работиме неуморно за да ја намалиме нуклеарната закана и да го вратиме наназад обемот на загревање на планетата“ вети новиот американски претседател.

Свечената инаугурација се одржа во услови на незапамтени безбедносни мерки и покрај тоа што властите потврдија дека не добиле веродостојни закани за можни терористички напади. На свеченоста беа распоредени околу 8.000 полицајци а ангажирани беа околу 32.000 војници.

Обама и новиот потпретседател Џосеф Бајден ги дадоа заклетвите во присуство на поранешните претседатели на САД Џими Картер, Џорџ Буш постариот, Бил Клинтон и претходникот на Обама Џорџ Буш помладиот. Присутни беа и сенатори, конгресмени и други високи службеници на САД.

По инагурацијата новиот претседател симболично го испрати својот претходник Џорџ Буш до хеликоптерот кој се упати кон Тексас.
Новиот американски претседател Барак Обама, кој вчера стапи на оваа должност, денеска ги почнува своите официјални активности. Тој ќе се сретне со високи одбранбени и воени претставници со кои ќе разговара за можноста за забрзување на повлекувањето на американските трупи од Ирак.
XS
SM
MD
LG